АктуелноОхрид

Пецаков: Четири децении посветеност, креативност и инспирација – ова е навистина значаен момент кој заслужува најголема почит

Вечерва голема чест ми причинуваше можноста да бидам дел од 40 годишниот јубилеј на Меѓународната ликовна колонија Дебрца. Четири децении посветеност, креативност и инспирација – ова е навистина значаен момент кој заслужува најголема почит.
Оваа колонија е жива приказна, водена со ентузијазмот и повеќедецениската посветеност на еден исклучителен човек – ликовниот уметник и педагог, Ѓорѓи Целески. Неговата визија и неуморна работа ја поставија основата на оваа, една од најстарите ликовни колонии во Република Македонија, која денес се гордее со богат фонд на ликовни дела. Благодарение на него, Дебрца стана синоним за уметност и место каде што се среќаваат култури, идеи и таленти од целиот свет.
На задоволство на сите љубители на сликарствот, уметноста и впрочем на сите нас, ентузијазмот и посветеноста на Ѓорѓи Целески се пренесени на неговите потомоци и оваа исклучително значајна манифестација продолжува да расте и развива преку Директорката на колонијата Мартина Целеска и сите оние кои се дел од организацијата на ова прекрасно збиднување.
Оваа година, Здружението „Ликовна колонија – Дебрца“, како што и приличи за една јубилејна програма, покани 12 афирмирани учесници од земјата и светот. Особена чест ни е присуството на нашиот академски ликовен уметник Јордан Манасијевски кој овој месец одбележа 50 години ликовно создавање и присуство на светската ликовна мапа со изложби во најпознатите ликовни метрополи.
Посакувам Меѓународната ликовна колонија Дебрца да продолжи да расте и да се развива, да биде место каде што ќе се раѓаат нови идеи и ќе се создаваат уште многу прекрасни дела. Нека наредните четириесет години бидат уште поплодни и поинспиративни!