Наш изборНаш ИзборОхрид

(ВИДЕО) „На Гумења на Илинден“ е нов сплет на песни и ора на КУД „Далги“ Охрид

Пензионерското културно уметничко друштво „Далги“ на 21 мај во Кичево се претстави на регионалната ревија намузика, песна и оро, со ново подготвениот колаж насловен  „На Гумења на Илинден“, со песни и ора од коселскиот планинско -охридски регион во кореографија на проф. Ристо Трајкоски , еден од највозрасните играорци во Охрид. Со својата изведба играорците и песнопојците ги воодушевија сите присутни на оваа пензионерска културна манифестација.

Правото машко оро за рамосе играло на сите празници во Сирула, преку кое се искажува машкоста и храброста и не потсетува на 43те паднати илинденци од ова село за слободата на Македонија. Ороводецот Васил Маркоски е од ова село.

Свинишкото женско оро, ја покажува убавината , нежноста но и енергичноста преку женските одиграни чекори, предводени од Веселинка Нелоска од Свиништа. Тие цврско се држат за клашениците и покажуваат сигурност во изведбата орото на планинските гумења  и во најбрзиот ритам на играта.

На крај го заиграа и мешаното оро „Елено моме“, фатени женско-машки преку своите шамивчиња, весело и разиграно. Посебно задоволство претставуваше и музичката изведба, соло гајда на Лазар Змејкоски и на тапан Томе Ристески.

Со тоа членовите на КУД „Далги“ покажаа дека се вистински чувари на нашето традиционално фолклорно богатство и негови презентери на сите фолклорни фестивали и други културни манифестации, со што даваат свој допринос во чувањето на нашиот национален идентитет и развој на туризмот во нашата општина.

 

 

Комисија за информирање при ЗП Охрид и Дебрца