АктуелноОхрид

Божикен базар во Кичево во духот на заедништвото и радоста во Христа

Вчеравечер, срцето на градот Кичево пулсираше во духот на Божикната радост и љубов, кога нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, го посети празничниот базар. Во атмосфера исполнета со празнична топлина, музика и светлина, градот стана сведок на исклучително срдечна средба помеѓу нашиот пастир и верниот народ.

Огромната толпа присутни, меѓу кои најбројни беа децата и младите, со голема љубов и почит го пречекаа Старецот, кој, како и секогаш, ги даруваше своите топли зборови на утеха и благослов. Погледите на најмладите беа насочени кон божикните подароци што Владиката ги подели со неизмерна љубов, при што нивната детска радост и насмевки беа најубавото сведоштво за убавината на празникот.

Дедо Партениј, познат по својата татковска грижа и широка љубов кон луѓето, се задржа да разговара со многумина од присутните, споделувајќи ја радоста од Христовото Раѓање. Празничниот амбиент беше не само еден весел настан, туку и вистинско доживување на заедничката радост во новородениот Цар, момент на заедништво и на благодарност кон Бога.

Овој настан уште еднаш потсети на вечната порака на Божик: Христос дојде во светот, за да ја осветли темнината со Својата љубов и да го обедини човештвото во заедничка радост. Божикниот базар во Кичево, збогатен со присуството на нашиот Старец, стана живо сведоштво за оваа благодатна реалност.

Обраќајќи се кон насобраниот народ, владиката г. Партениј со топли и едноставни зборови уште еднаш ја истакна суштината на таа Божикната порака:

„Христос се роди!

Возљубени мои,

Добра вечер на сите вас! Радоста што ја чувствувам, гледајќи ве собрани во толку голем број е навистина неискажлива. Пред нас симболично е претставена Витлеемската пештера – местото каде што се роди нашиот Спасител Христос. Но, таа пештера не е само историски момент; таа е духовна реалност што се одвива во срцата на луѓето. Секое срце, мили мои, е повикано да стане витлеемска пештера, место каде што ќе се роди Бог.

Денес, гледајќи ги вашите озарени лица, јас Го гледам Христа во вашите срца. Зашто сите ние, крстени во Неговото име, се нарекуваме Христијани – најважното именување што можеме да го носиме. Тоа име ни открива не само кои сме, туку и Кому Му припаѓаме и Кого сме повикани да Го сведочиме.

Ангелите во таа прва, свештена ноќ ја воспеаја најдлабоката вистина: „Слава на Бога во висините“. Христос, Синот и Словото Божјо, славен од ангелите на Небото, слезе на Земјата за да нè спаси. Тогаш ангелските воинства продолжија: „На земјата мир, меѓу луѓето добра волја“. Тоа ни ја открива суштината на Неговото доаѓање – да ни подари мир што не е од овој свет, мир што само Бог може да го дарува.

Но, возљубени, тој мир треба најпрво да се всели во нашите срца. Само тогаш ќе можеме да го пренесуваме и на другите. Тоа е нашата цел како Христијани – преку смирението да го стекнеме Божјиот мир и да го даруваме на светот. Денес, повеќе од кога било, мирот е насушно потребен.

Гледаме дека живееме во свет исполнет со војни и раздори. Фала Му на Бога, нашата земја живее во мир. Затоа да Го молиме Него, родениот во Витлеем, да го испрати Својот мир и таму каде што денес се војува – без разлика дали станува збор за Христијани или за иноверни. Зашто мирот е дар што им е потребен на сите луѓе, без разлика на религија и на народност.

Нека ве благослови Господ и нека идната година нè собере во уште поголем број, во љубов, мир и едномислие.

Христос се роди! Честит празник!“