сабота, ноември 23, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес се празнува Преподобна Параскева -Петковден и Спомен на Седмиот Вселенски Собор

Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите, девицата Петка, желна за подвижнички живот, го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господа.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белград постои вода (агијазма) на света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

 

 

Овој Собор се одржа во 787 година во Никеја, во времето на царувањето на благочестивата Ирина и нејзиниот син Константин, а за време на патријархот Тарасиј. Овој Собор конечно го утврди иконопочитувањето образложувајќи го со Светото Писмо, со сведоштвото на Светите отци и со достоверни примери на чуда пројавени од Светите икони. Меѓу другите наведени примери на чуда Кипарскиот епископ Константин го наведе и овој што ќе биде предаден овде. Некој овчар од градот Констанца еднаш штом го истера стадото на пасење ја виде иконата на Пресвета Богородица целата украсена со цвеќе од правоверните. „Зошто толкава чест да ѝ се оддава на една карпа?“, си рече овчарот (очигледно воспитан во иконоборство), па со својот железен стап удри по иконата и го расипа десното око на ликот на Богомајката. Но штотуку тргна од она место, се сопна и со истиот оној стап си го изби себеси десното око. Кога се врати ќор во градот плачејќи викаше и говореше дека го постигнала казна од Светата Пречиста. Овој Собор уште реши во антиминсот неизоставно да се вложуваат Свети мошти на маченици. На Соборот учествуваа 367 отци. По нивните молитви Бог нека нѐ помилува и спаси. Амин.

denovi.mk