Наш ИзборНаш изборОхрид

Од групација на граѓански организации, месни заедници и граѓани – „Збогум Буково“

Групацијата „Збогум Буково“ составена од 20-тина граѓански организации, пет месни
заедници од општина Охрид и голем број загрижени граѓани, се организира да преземе мерки за
ургентно решавање на проблемот со нестандардните депонии Буково и Мауцкер. Во наредниот
период со планираните активности сметаме на зголемување на бројот на поддржувачите на
иницијативата и приклучување на поголемиот дел од граѓаните на Охрид и околните села.
Првиот чекор е барање на средба со локалната самоуправа со цел уточнување на досега
преземаните активности во насока решавање на проблемите со депониите како и планираните
чекори во таа насока во идниот период.
Со Националниот план за управување со отпад (2009 – 2015) оваа депонија е оценета како
високоризична за животната средина и заради тоа требаше да биде затворена најдоцна до 2020
година.
Групацијата „Збогум Буково“ и жителите на општина Охрид бараат:
– Општина Охрид и општините од Југозападниот плански регион најитно да се
договорат и вклучат во регионалниот систем за управување со отпад – да се надминат
сите административни бариери и да се отвори регионалната депонија во Новаци, со
цел да се заштити здравјето на над 50.000 граѓани на Општината;
– Итно да се покрие целото урбано и рурално подрачје со садови за целосна селекција
на хартија, пластика, стакло и други корисни суровини,кои би ја намалиле запаливоста
на депонијата и
– Крајно да се изврши затворање и ремедијација на депонијата Буково од страна на
искусни и докажани оператори во оваа област
Во моментов, ситуацијата со депонијата е загрижувачка, затоа што телото на депонијата е
во запалена состојба, дополнето со површински пожар. Чадот, кој ги содржи најканцерогените и
најмутагените диоксини и фурани е носен по природен пат по долината на Коселска Река и стигнува
во градот и околните населби. Според препораките на УНЕСКО, депонијата „Буково“ требаше да се
затвори до 2020 година, додека во Планот за затворање на нестандардни депонии во Р. С.
Македонија, депонијата „Буково“ е ставена на листа од 25 приоритетни нестандардни депонии за
решавање/затворање. Сепак, регионална депонија за Југозападен плански регион на кој припаѓа и
Охрид се уште нема, а проблемот со загадување на почвата, воздухот, површинските и подземните
води како и негативното влијание врз биолошката разновидност, земјоделското земјиште и
здравјето на луѓето од нестандардната депонија „Буково“ сеуште е присутно во општината.
Според Планот*, рокот за затворање на непрописните депонии (вклучително и на „Буково“)
бил од 5.2021 г. – 10.2023 г. Овој рок не е испочитуван и Буково продолжува да го труе Охрид и да
влијае врз здравјето на граѓаните и врз природата, вклучително и Охридското Езеро. За жал и покрај
напорите на надлежното комунално претпријатие за санирање на постојаниот пожар на депонијата нема многу видливи ефекти, бидејќи проблемот е во телото на депонијата, кое е постојано во
запалена состојба. Најголем процент од отпадот се депонира измешан, без претходна секундарна
селекција.
Ситуацијата е алармантна, што говори фактот дека токсичниот чад се спушта и на другата
страна, во Ресен. Реагираат и бројните туристи во летниот период, а дел од патот Охрид – Ресен кај
депонијата е црна еколошка точка, каде буквално не се дише. Ситуацијата ја влошуваат и
дополнителните пожари кои се потпалуваат од собирачи на метални суровини, а по периметарот на
депонијата нема ограда.
Нема нови рокови за пробивање, без здравје сѐ е ништо