АктуелноОхрид

Икона од Мајката Божја „Достојно ест“ и во Пречиста

Пресвета Богородица, Мајката Божја, вечниот пример на чистота, на кроткост и на бесконечна љубов, која, преку своето „да“ за Божјиот Домострој го отвори патот за спасение на светот. Образец на послушност и на смирение, Жена и Дева која со своите мајчинско срце и прегратка го обединува човештвото со Бога. Преку нејзината едноставна и длабока вера ние гледаме како вистинската слава не се наоѓа во моќта или во земските почести, туку во животот полн со Божја благодат. Како Мајка на Црквата, нејзината љубов се простира врз сите и нејзиното посредништво останува наш постојан пристап до Спасителот Христос.

Во пресрет на големиот празник Успение на Пресвета Богородица, на таа летна Пасха, нашиот возљубен Старец, Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, ја посети Обителта на Пречистата кај Кичево и со длабока благодарност и со синовска љубов му ја подари на тоа големо Светилиште својата омилена икона од Мајката Божја. Оваа семејна светиња, претстава на Пресветата Богородица „Достојно ест“, којашто до неодамна се наоѓаше во домот на семејството Фидановски во Битола, во иднина ќе го краси Пречистанскиот храм. Скапоцената икона, украсена со рачно резбана позлатена рамка и со сребрена кошула, Владиката г. Партениј, во знак на благодарност кон Мајката Божја, му ја подарува на Манастирот Пречиста, со надеж и молитви нејзината мајчинска закрила да продолжи да ги пази сестрите монахињи и да ги патеводи кон светлината Христова.

 

Бигорски манастир