петок, ноември 22, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес се празнува Светиот маченик Калиник

Родум од Киликија. Од малечок воспитан во христијанското благочестие. Остави сè и тргна да го проповеда Евангелието. Во Анкира беше фатен од некој незнабожечки кнез Сакердон. Кога кнезот му се закани со грозни маки доколку не им се поклони на идолите, свети Калиник му одговори: „Мене секоја мака за мојот Бог ми е добредојдена како леб на гладен“.

По страшни измачувања и заплашувања, кнезот го обу во железни опинци со внатрешни клинци и нареди да го водат до градот Гангрски, затоа што не смееше веќе да го мачи ниту да го погуби во Анкира, бидејќи мнозина што го гледаа јуначкото трпење на Божјиот човек се обратија во верата Христова.

По патот војниците ожеднеа, а немаше вода. Свети Калиник Му се помоли на Бога и изведе вода од еден камен. Кога пристигнаа во градот Гангрски мачителите го фрлија свети Калиник во вжарена печка. А светителот Му вознесе молитва на Бога, велејќи: „Ти благодарам, Оче Кој Си на небесата, Кој ме удостои за овој час во кој за Твоето име умирам“. Потоа влезе во огнот. Кога изгасна огнот, го најдоа неговото тело мртво, но неповредено и цело. Чесно пострада и се украси со венец на вечна слава во 250 година.

 

 

 

denovi.mk