Со детски хепенинг од неколку интересни настани, утревечер од 19:30 часот на плоштадот „Вангел Наумовски“ продолжува програмата на Општина Охрид „За сите деца“, под мотото „Културата расте со децата“.
На отворениот простор, присутните ќе можат да ја погледнат изложбата на фотографии „Низ детските очи“ од охридската сликарска школа „Пробај уметност”, која е активност на Здружението „Тактус“ од Охрид. На плоштадот ќе бидат поставени и штафелаи на кои децата ќе можат да цртаат на слободна тема и да ги запознаат основните техники на слкарството со академскиот сликар, охриѓанецот Тони Попов.
Гостин на настанот ќе биде Весна Константинова, авторка на книгата „Рисот Ристе“ која преку интеракција со публиката ќе ја раскаже приказната за овој цртан лик. Децата ќе имаат можност да ги бојат илустрациите на животните кои се застапени во истоимената едиција.
Во рамки на Детскиот хепенинг ќе се одржи четвртото издание на музичко-сценската манифестација „Малите К-2 ѕвездички“. Предвидено е да настапат 20 дечиња со своите песнички кои се напишани и создадени во музичката работилница на познатиот охридски композитор и продуцент Јовица Караилиески. Водител на настанот ќе биде анимираниот лик „Ка Двојче“ од истоимениот Јутјуб серијал.
Бидејќи плоштадот „Вангел Наумовски“ е локација каде што во вечерните часови и тинејџерите го поминуваат своето слободно време, забавната програма ќе продолжи со музички проект на познатиот охридски тапанар Никола Ристовски Тони од 21:00 часот.