АктуелноОхрид

Oд почетокот на јули во Охрид санкционирани 70 мотоциклисти по разни основи од Законот за безбедност

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, од почетокот на јули, реализира 70 акциски контроли кон возачите на мотори и мотоцикли и по разни основи од Законот за безбедност во патниот сообраќај, санкционира 70 мотоциклисти. Санкциите се изречени поради констатирано управување на мотоцикли без заштитен шлем односно кацига, управување нерегистрирани мотоцикли или пред стекнување со соодветна дозвола, управување мотор без соодветна категорија, управување со поголема брзина од пропишаната како и брзото ноќно возење кое предизвикува зголемена бучава во ноќните часови. Во истиот период, поради непродолжена важност на сообраќајната дозвола повеќе од 6 месеци, одземени се три мотоцикли. Целта на акциските контроли е елиминирање на прекршоците кои ги прават овие учесници во сообраќајот и укажување за потребата од подигнување на степенот на безбедноста во сообраќајот и на безбедносната култура кај возачите на мотоцикли, целосно и доследно почитување на поставената хоризонтална и вертикална патна сигнализација. Една од целите е и сузбивање на проблемот со бучавата и заштита на граѓаните од нарушување на јавниот ред и мир, предизвикано од брзото ноќно возење и нелегалните мототрки кои создаваат механички извори на врева во ноќните часови. Потсетуваме дека, сообраќајните контроли по овие основи ќе бидат интензивни и апелираме до сите учесници во сообраќајот, а посебно до мотоциклистите, на доследно почитување на законските одредби за безбедност во сообраќајот со цел елиминирање на сообраќајните незгоди, лична безбедност на мотоциклистите и на останатите учесници во сообраќајот, но и заштита на граѓаните.

Извор: СВР Охрид