АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Oхридскиот математичар Леонид Тодороски дел од тимот од македонската репрезентација која ќе се натпреварува на Меѓународната олимпијата на Универзитетот во Бат, Англија

Вкупно 11 талентирани средношколци ќе претстават Македонија на меѓународните олимпјади по математика и физика што ќе се одржат во јули во Англија и во Иран. Младите математичари Дамјан Давков, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски, Леонид Тодороски, Бранко Јангеловски и најмладиот меѓу нив, Ивано Божиновски ја сочинуваат екипата за Меѓународната олимпијата по математика (ИМО2024) која ќе се одржи на Универзитетот во Бат, Англија од 11 до 22 јули.

Во екипата како трет се пласираше и матурантот Јан Стојановски кој одлучи да се откаже од учество на ИМО за да се фокусира на Меѓународната олимпијада по физика која се поклопува со ИМО. Стојановски лани направи своевиден подвиг кога ја претставуваше Македонија на двете олимпијади кои случајно се погодија еднаподруга во Јапонија.

Македонскиот тим на 54. Меѓународна олимпијада по физика што ќе се одржи од 21 до 29 јули во Исфахан, Иран го сочинуваат: Јан Стојановски, Андреј Стојанов, Емилија Николовска, Матеа Митревска и Дамјан Стојанов.

И двата тима се формирани на селекционите натпревари што ги организираа Сојузот на математичарите на Македонија, односно Друштвото на физичарите на Македонија. Двете здруженија заедно со институтите по математика и физика при Природноматематичкиот факултет во Скопје ги организираат подготовките и учеството на тимовите на натпреварите.

Македонските тимови на олимпијади веќе неколку години постигнуваат огромни успеси на најпрестижните светски натпревари и редовно се враќаат со медали.

 

umno.mk