МакедонијаНаш ИзборНаш избор

Посета на Митрополитот Илија и на православни верници од Финска

Изминативе неколку дена, на наша голема радост, во посета на нашите манастири беше дојдена група од околу триесетина млади православни луѓе од далечната Финска. Овие христољубиви души беа предводени од Високопреосветениот Митрополит на Оулу г. Илија, од Црквата на Финска, а со него и јероѓаконот и епархиски секретар г. Артури Хирвонен и учителот по црковна музика, хорархот протопсалт г. Маркус Хаенинен и неговата жена Лидија Шедерстром-Хаенинен која што е просветен работник во парохијата Тампере. Младите поклоници дојдоа од разни места на епархијата на Митрополитот, којашто се наоѓа во северниот дел на Финска. Тие ја избраа Бигорската Обител, за да се запознаат со монашкиот начин на живот. За време на престојот има можност да се запознаат со мисијата и со секојдневието на нашето братство, препознавајќи го автентичниот дејствителен православен дух на нашиот Старец и Игумен, Епископ г. Партениј, и на монашките заедници под негово духовно раководство.

 


Особено впечатлива и трогателна беше средбата на групата со нашиот возљубен Старец, со кого разговараа за историјата на манастирот и за монашкиот живот. Всушност, желбата да се сретнат и да поразговараат со него им беше главната цел заради која допатуваа дури дотука. Одговарајќи со родителска љубов на нивната добра желба, Старецот од срце им говореше за благодатниот живот во Христа, споделувајќи со нив примери од своето лично искуство. Тој исто така, им кажа прекрасни видувања и искуства за монашкото жителство. Младите со внимателност го слушаа и му поставуваа прашања, видно допрени од неговите топли и полни со доживеана мудрост зборови.

Автономната Црква на Финска брои околу 56.000 православни Христијани. Составена е од три епархии, на чело со Архиепископот г. Лав. Карактеристично и за пример е тоа што Црквата е една, а во неа се црквуваат верници што зборуваат различни јазици, а со тоа и богослужбите се извршуваат на разни јазици, како: фински, руски, шведски, сами(лапонски), грчки и романски. Изминатото лето Црквата на Финска прослави 100 години од добивањето на Томосот за автономија во 1923 од страна на Вселенската Патријаршија, а на прославата присуствуваше и самиот Патријарх, Неговата Сесветост г. г. Вартоломеј.

 

Бигорски манастир