петок, ноември 22, 2024
Наш ИзборНаш изборРегион

Во центарот на општината Пустец на 4 мај ќе биде откриена спомен-биста на Гоце Делчев великанот на македонското револуционерно движење

Во центарот на општината Пустец до македонската црква “Свети Архангел Михаил”, на 4 мај 2024 година, сабота, со почеток во 11.30 часот, ќе биде откриена спомен-биста на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, а по повод 121-годишнината од неговото убиство на 4 мај 1903 година кај село Баница, Егејскиот дел на Македонија.

Советот на општина Пустец, ја поддржа иницијативата и барањето на Македонска алијанса за европска интеграција, за поставување спомен-биста на Гоце Делчев на плоштадот во центарот на село Пустец, што го носи неговото име. Спомен-бистата е дело на авторот Зоран Тошевски од Скопје и ќе претставува составен дел од културно-историскиот пејсаж на преспанскиот крај.

Во 2008 година Советот на општина Пустец едногласно донесе одлука со која плоштадот во Пустец го доби името “Гоце Делчев“, а поставувањето на оваа биста, според претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, ќе придонесе за зачувување на македонското културно-историско наследство и македонскиот идентитет во Република Албанија.

На откривањето на спомен-бистата на Гоце Делчев поздравни обраќања ќе имаат градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски, претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров и министер-советникот од македонската амбасада во Тирана Љуфтим Спахиу.

На откривањето на спомен-бистата на Гоце Делчев се очекуваат повеќе гости од Албанија и Македонија.

Пред присутните со сплет на македонски народни песни и ора ќе настапат членовите на Културно-уметничкото друштво “Гоце Делчев” од Битола.

Добредојдени се сите добронамерници, ќе уживате во природата и убавините на Мала Преспа и гостопримството на Македонците од овој крај.

 

vesnik-ilinden.com