Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ уште од 6 часот утрово се на терен и го расчистуваат централното градско подрачје од големите количини отпад што остануваат по ноќните собирања на туристите на кејот „Македонија“ и во центарот на градот.

Пластични шишиња, чаши, лименки, хартија и друг отпад и утрово беа собрани од јавните површини, а комуналните работници со часови работеа за градот повторно да добие чист и уреден изглед пред да започне новиот туристички ден.

Ваквата појава не е карактеристична само за Охрид. Речиси сите големи туристички центри кои во летниот период организираат концерти, фестивали и други масовни настани се соочуваат со истиот предизвик.

Големите ноќни собирања, особено на млади посетители, неизбежно создаваат значителни количини отпад, поради што комуналните служби во раните утрински часови спроведуваат интензивни акции за чистење. Слични сцени може да се видат и во туристички градови како Сплит, Барселона, како и во многу други европски дестинации кои во летната сезона привлекуваат стотици илјади посетители.

Од ЈП „Охридски Комуналец“ апелираат до сите посетители и граѓани да придонесат за зачувување на чистотата на градот, отпадот да го одлагаат во поставените корпи и контејнери и со одговорно однесување да помогнат Охрид да остане уредна и привлечна туристичка дестинација.





















