понеделник, ноември 18, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

7 април, годишнина од смртта на охридскиот војвода Методи Патчев

Тоа се херои, гледајте како се бореа за својата идеја и сами се убија, им рекол турскиот потпоручникот Нијази-бег и наредил почесен плотун над мртвите тела на комитите и нивниот војвода Методија Патчев, во прилепско Кадино Село, на 7-ми април 1902 година.
Така завршил животот на војводата Патчев, еден од најпознатите македонски револуционери од преиодот пред Илинденското востание. Делото на ТМРО му било над се’, а со своите постапки секогаш бил правичен и бескомпромисен.

Неговите родители, Јаќим и Марија биле сиромашна рибарска фамилија. Јаќим не сакал неговите деца да го наследат занаетот, па затоа Коста и Сандре ги дал да го учат ќуркчискиот (кожарски) занает, а синот Никола не сакал да чиракува, велел дека душата ќе му смрди на штавени кожи. Методија како најмал го дал да учи, а ќерка му Вета ја оставил дома за да и помага на мајка си, бидејќи во куќата биле пет мажи.
Методија завршил основно училиште и четири класа класно училиште во Охрид. Бидејќи родителите биле сиромашни, не можеле да го испратат на школување надвор од Охрид, иако за тоа и тој и тие мечтаеле. Затоа извесно време работел во ќуркчиските дуќани, а и како рибар му помагал на татка си. Кога заштедил малку пари, во почетокот на 1886 година го напуштил родниот град, заминал во Солун, па во Софија, а потоа во Самоков отпочнал курс во специјалното училиште, каде се изучувале повеќе занаети. Таму бил активен и ученичкиот кружок, кој бил посетуван од раководителите на ВМРО, меѓу кои и Гоце Делчев.

Во 1896 година се вратил во Охрид и се занимавал со учителска дејност во основното училиште „Св. Кирил и Методи“. Во истото училиште за учител бил назначен и неговиот сограѓанин Христо Узунов. Истата година влегол во ТМОРО. Во 1894 година, само една година по формирањето на ВМРО во Солун, се формирала и охридската револуционерна организација. До 1900 година во револуционерниот комитет влегле Христо Узунов, Методија Патче, Кирил Прличев, Лука Групче, Климе Заро, Анастас Каневче и други. Узунов и Патче многу придонеле за омасовување на револуционерното движење во Охридско. Често пати Узунов, за да не биде забележан од турските власти, по куќите каде што требало одел облечен како поп, а Методија Патче му го носел како клисар котлето со „светена вода“.

Поради ликвидација на кодош во Охрид, иако немало сведоци, Патчев бил уапсен од турската власт и осуден на 15 години робија во битолскиот затвор, а во 1901 година бил амнестиран.

По излегување од затворот, во учебната 1901/1902 година Методија Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, турската власт му забранила да работи како учител, па преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински (Георги И. Ѓуров). Тој бил бугарски офицер кој, придобиен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година, станал член и војвода на МРО. Со неговата официрска подготовка, и организациски способности, придонел за обука на македонските револуционери и војводи, меѓу кои бил и учителот Патче. Во октомври 1901 година, Методија Патче бил назначен за војвода на чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во Организацијата, патувал низ прилепскиот регион и за кусо време дошле до израз неговите организаторски способности.

 

ohridpress.mk