среда, ноември 20, 2024
АктуелноОхрид

Рамиз Мерко не се појави во Основниот суд, одложено судењето за набавката на луксузен автомобил

Во Основниот суд во Струга денеска почна судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“, вреден 67 илјади евра.

По барање на одбраната за целосен увид во списите, судијката Надица Митреска ја одложи главната расправа за 3 јуни годинава, објави Канал 5.

На денешното рочиште не присуствуваше ниту обвинетиот, ниту неговиот полномошник, адвокатот Игор Петкоски.

Списите со предметот, како што појасни судијката во дигитален препис ќе му бидат предадени на адвокатот на обвинетиот на усб стик, на кој има 27 фалјови во ПДФ формат.

Адвокатот на Мерко, Игор Петкоски, во телефонски разговор за медиумите посочи дека со обвинителниот предлог до неговиот клиент не биле доставени доказите наведени во листата на докази од Обвинителството, што е законска и уставна обврска кога некој се гони. Тој појасни дека поради обемноста, материјалот требало да му биде предаден на усб стик, но поради технички причини, Судот неможел да им ги пренесе материјалите пред терминот за судење, за да ги разгледаат доказите и да состават листа на докази на одбраната.

– Од тие причини побаравме одлагање, бидјеќи немавме докази, а воедно судијата уште на 18 април беше известен дека јас од претходно сум поканет во судница во Битола како бранител на друг клиент за постар предмет од овој. Целта не ни е да го одлагаме процесот, туку целта ни е кога ќе ги погледнеме доказите во обвинението да спротивставиме докази на одбраната со кој ќе ги оспориме тие докази и ќе ја докажеме тезата дека никаква одговорност не постои кај градоначачалникот по оваа работа, рече тој.

Јавниот обвинител во Основно јавно обвинителство Струга Никола Јолески појасни дека се работи за обвинителен предлог поднесен од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот суд во Скопје. Поради процесни причини, појасни, обвинението е отстапено во надлежност пред Основниот суд во Струга.

– Обвинителниот акт е злоупотреба на службена положба по член 353 став 4 во врска со став 1. Ние ќе ја докажуваме нашата теорија на случај, одбраната нивната, така што на крај Судот е тој којшто ќе одлучи што навистина се случило. Ние сметаме дека има дело, ќе го поддржиме обвинителниот предлог поднесен од ОЈО ГОКК Скопје, изјави Јолески.

Со последните измени на Кривичниот законик за злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, се предвидува казна затвор од една до четири години.

извор: Канал 5