Наш ИзборНаш изборОхрид

Автопатот Охрид-Кичево кој проглта 50 милиони евра и сеуште го нема

Годинава ќе се потрошат, односно ќе се позајмат уште 50 милиони евра од кинеската Ексим Банка за доизградба на автопатот Кичево – Охрид, пишува во објавената програма на Јавното претпријатие „Државни патишта“ за 2024. Иако и по 4 продолжувања на рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид на кој не му се гледа крајот, министер Бочварски уверуваше дека истиот ќе бил готов и пуштен во употреба до крајот на 2023-та,тој уште во месец март лани,не сакаше дирекно да одговори дали изградбата на 57-те километри ќе чини повеќе од од сега инвестираните половина милијарда евра?

”Значи ние во моментот имаме таква договорена цена, јас не можам да прејудицирам за пониска или повисока цена, можам да кажам тоа што го имаме како договор помеѓу државата и изведувачите” вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на 29.03 2023.

„Кредит од Ексим Банка во износ од 3.100.000.000 денари за финансирање на изградба на автопат Кичево – Охрид“, пишува во документот во кој се предвидени сите трошоци на јавното претпријатие до крајот на оваа година.

Од друга страна, како што објави Фактор, за проектот со Коридорот 8 и Коридорот 10Д, каде „Бехтел и Енка“ ќе гради три автопатски делници предвидени се 250 милиони евра од буџетот, но и уште околу 25 милиони евра непотрошени од минатата година, така што за оваа намена предвидени се околу 275 милиони евра за 2024.

Владата пред крајот на минатата година ангажираше ФИДИК експерт кој требаше да каже дали да се менува нешто во начинот на финансирање и доизградба на автопатот Кичево – Охрид, но на крајот одлучи да почнат преговори со постојаниот изведувачот за склучување анекс на договор за да се продолжи рокот за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства.

„Истовремено, изведбата на делницата, ќе продолжи во континуитет да се реализира“, соопштија од владината прес-служба. Владата оцени дека првичниот проект за автопатот Кичево – Охрид е со бројни пропусти во проектирањето, кои во голем дел веќе се надминати и во континуитет се создаваат услови за негово завршување.Автопатот Кичево – Охрид се гради веќе 10 години. Основниот договор, според кој, автопатот од 57 километри, требаше да се заврши до 2018, е надградуван уште со пет анекс договори. Петте анекси се склучувани од 2018 до 2020 година. Дел од анексите се однесуваат на пролонгирање на рокот, а дел на дополнително задолжување во кинеската банка. Досега е потрошено цело богатство за автопатот Кичево – Охрид од 56,7 километри, финансирано од кинеската „Ексим Банка“. Извештајот за работата на ЈПДП за 2022 покажа дека до крајот на предминатата година веќе биле потрошени околу 450 милиони евра. „Вкупно реализирано 447.383.985 евра (заклучно со 62-та ситуација), што изнесува 66 отсто во однос на 598.074.670 евра“, запишано е во отчетот на јавното претпријатие.

Од 1 јануари до 1 јули 2023 за реализација на автопатската делница Кичево – Охрид финансирана од кинеската Ексим Банка потрошени се 1,006 милијарди денари, или само 16,36 милиони евра, стои дополнително во полугодишниот извештај на ЈПДП за првата половина од 2023.

expres.mk