АктуелноОхрид

СДК.МК: Охридскиот трговец Димитар Робев во 19. век сакал да стане крал на Македонија и изработил пропагандна марка

Една несекојдневна серија поштенски марки поврзани со Македонија зборува за вековната желба на македонскиот народ да добие независност и самостојност во немирното балканско опкружување. На оваа серија марки се гледа еден лик на повозрасен човек, облечен во нешто што личи на воена униформа, а над неговиот лик пишува „Краљевство Македонеа“. Марките имаат номинална вредност изразена во динари. Најверојатно потекнуваат од втората половина на 19 век, објави sdk.mk.

Според историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ, кој воедно е и еден од најценетите филателисти во Македонија, ликот на марката е на познатиот трговец Димитар Робев од Охрид, а печатењето на марката било амбицијата на Робев за Македонија да добие автономија, односно независност, а тој можеби еден ден да биде и нејзин монарх.

„Мојата теза е дека оваа серија марки е изработена околу 1878 година, во периодот непосредно пред одржувањето на познатиот Берлински конгрес, а е изработена со цел да се издејствува добивање на Кнежество Македонија. Таа идеја цело време ја протежира богатиот и надалеку познат охридски трговец Димитрија Робев, еден од познатото семејство Робевци. Во тој период, во втората половина на 19-от век, семејството Робевци било многу моќно и ги имало сите услови да исфрли еден таков човек кој во почетокот би бил прогласен за кнез на Македонија, се разбира доколку светските сили се решат за такво нешто“, вели д-р Светозаревиќ.

И во таа сложена геополитичка состојба во Европа и на Балканот, Робев најверојатно сакал да каже и покаже дека на просторот на Балканот постои една територија на која живее посебно население, различно од околните соседи, и кое сака да се осамостои. Како еден од начините за запознавање на јавноста со овие тенденции било и печатење на една ваква серија марки, што во тоа време, а и подоцна, често се практикувало и во други земји.

Текстот во целост на: sdk.mk