АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Богојавление – Крштение на Исус Христос

Кога Господ Исус наврши триесет години од Своето телесно раѓање, го започна Својот учителски и спасителен подвиг. Почетокот стана со Крштението на реката Јордан. Кога Исус Христос се крштеваше во водата на Јордан, на светот му се објави тајната на Божествената Троица.

Отецот му се јави на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид, а Синот дури и на сетилото за допир. Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти во водата, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата. А кога свети Јован Крстител посведочи и рече за Христа: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот“ (Јн. 1, 29) и кога Го потопи и крсти Господа во Јордан, со тоа се покажа и Христовата мисија во светот и патот на нашето спасение.

Зашто Господ ги зеде врз Себе гревовите на родот човечки и под нив умре (потопувањето) и оживеа (излегувањето од водата); а и ние мораме да умреме како стар и гревовен човек, а да оживееме очистени, обновени и преродени. Тоа е Спасителот и тоа е патот на спасението.

Празникот Богојавление (на грчки Теофанија) се нарекува и Просветување. Зашто настанот на Јордан нè просветлува покажувајќи ни Го Бога како Троица едносуштна и неразделна. И второ, бидејќи секој од крстените во вода се просветлува со тоа што станува восиновен од Отецот на светлината, со заслуга на Синот, со силата на Светиот Дух.

 

denovi.mk