Длабоко повредени од непристојноста и од богохулното исмевање на Божествената Личност на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, воедно и на Сечесниот Крст, на т.н. Вевчански карневал, гласно повикуваме на јавно извинување од организаторите и од учесниците во тоа несреќно светогрдие, како и на превенирање на слични случувања во иднина. Се сеќаваме дека кога во минатото токму на овој карневал се случи поигрување и со чувствата на верниците од исламска вероисповед, што предизвика бурна реакција на муслиманите во Македонија, се воспостави една своевидна практика да се избегнуваат маски со содржини коишто ќе предизвикуваат навреда кон верските чувства – нешто што како апел беше упатено и од општинската власт во Вевчани. Оттука, се прашуваме зошто, имајќи го предвид негативното искуство од минатото, сега некој решил да ги злоупотреби и христијанските симболи, и тоа на еден најпонижувачки и најнедостоинствен начин? Секако, според нас, поигрувањето и исмевањето со верските чувства на која било верска деноминација е злодело за кое се одговара не само пред Божјиот, туку и пред државниот суд.
Бигорски манастир