сабота, ноември 16, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Божикни озаренија во Бигорски

Во оваа тивка зимска ноќ, додека светот безгрижно спиеше, втонат во гревовен сон, грижливиот наш Татко, ни излеа од небесата прошка, ни го испрати долгоочекуваното спасение, нè посети со Својот неовоземен, наднебесен мир, испраќајќи ни го нам, недостојните, Својот возљубен Син. Он нечујно влезе во времето и излезе од пречистата утроба на Дева, за да го спаси оној кого што го создаде и повторно да го приведе во прегратките на Својот Отец. Смирен како јагненце, роден во јаслите на животните, во една бедна пештера, го озарува светот со Својата неискажлива светлина. Но малкумина беа оние што во таа спасителна ноќ ја видоа небесната светлина и беа сведоци на Божественото раѓање. Светот спиеше, а новородениот Младенец, положен смирено во прегратките на Својата Мајка, ги прими првите дарови – ангелското мнозинство Му ја подарија својата најубава песна, мудреците, кои поминаа долг пат водени од сјајната ѕвезда, Му ги принесоа своите ковчежиња со злато, ливан и смирна, а простите пастири Му ги дадоа на дар своите чисти срца.

И денес како и тогаш, светот грозничаво јури по своите празни соништа, ги води своите војни и ги слави своите суети, несвесен за Оној Кој повторно ни се раѓа, за да го всели насекаде Својот мир. И денес како и тогаш, Он ги собра околу Себе оние кои долго го очекуваа Неговото раѓање, повикувајќи ги верните чеда во храмовите и правејќи ги сведоци на оваа огромна милост што Бог Отецот ја испрати од небесата и неуморни гласници дека ни се роди спасението на светот. А колку само ни е потребен денес тој Спасител што ни доаѓа како невино Дете, родено во јаслите на животните, а Кое ја носи во Себе сета мудрост на вселената! Ни треба Неговиот мир, за да ги смири нашите бунтовни души. Ни треба Неговата светлина, за да внесе сјај во овој тажен свет. Ни треба Неговата љубов, за да го соедини разединетото човештво, да ги прекине непријателствата. Ни треба и Неговата мудрост да се поучиме од своите грешки, смирено да ги признаеме и да тргнеме по нов подобар пат. Накратко, ни треба Самиот Он, Човекољубецот. Без Него, светот, колку и да е горделив да го признае тоа, едноставно талка во мракот.

И Бигорското Светилиште на Крстителот Свети Јован си подготви во Храмот јасли, за да го пречека молитвено Раѓањето Свето на Богомладенецот Христос. Водени од љубовта кон Бога, како некогаш мудреците од Витлеемската ѕвезда, верните ја примија во своите срца објавата за ова небесно слегување и пристигнувајќи од сите страни го преполнија бигорскиот Витлеем, подготвени молитвено да заедничарат со монашките Обители на сеноќното бдеење. Налик на смирените пастири, кои онаа ноќ будно ги пазеа своите стада, и тие со смирени срца будно го очекуваа мигот кога Богомладенецот ќе се роди во нивните души.

 

Божиќниот амбиент во Манастирот започна уште во раните вечерни часови, кога според традицијата, по отслужената празнична архиерејска вечерна богослужба, започна Бадниковата вечер, со пеењето на Божикните каланди од страна на нашите драги гости, децата од средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“. Тие млади христољубиви души, кои еве веќе неколку дена насекаде ја објавуваа со своето свирење и пеење веста за Христовото Раѓање, како еден вид увертира за масовните бадникови поворки, каде што распеаните ѕвездички предводени од Божикната пештера, благодатно ги украсија улиците и плоштадите на сите градови во земјата, не ја пропуштија вечерва можноста да му се заблагодарат низ песна, на оној кој најмногу се потруди за возобновата на оваа прекрасна традиција – нивниот и наш сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. И како што љубовта раѓа љубов – дедо Партениј, како смирен поклоник на Богомладенецот, вдахновено го отвори своето срце и нè нахрани со најслаткиот духовен мед образложувајќи ни ја љубовно тајната на Божјиот домострој на Неговото неискажливо Рождество.

Зарем можеше да има подостоен почеток на сеноќното молитвено претстоење во храмот од ова чудесно созерцание на Старецот, кое толку ги разгоре и исполни со нетрпеливо очекување нашите души? Секој богомудро составен стих од раскошната богослужба додаваше уште еден смирен украс во пештерата на нашите срца, кои се подготвуваа да Го примат во себе родениот Богомладенец. Добриот наш Бог ни придружи во оваа радост уште еден драг гостин – светогорскиот јероѓакон о. Хризостом, кој со голема љубов сослужуваше со нашиот Старец и бигорските архимандрити, јеромонаси и јероѓакони. Бдението летна брзо како сон, засладено од прекрасното пеење и задлабоченото молитвено служење на нашиот возљубен Старец, кој го предводеше литургиското таинство. И не пропушти тој уште еднаш да нè почести со тој сладок духовен мед што извира од неговото срце, кога после евангелското четиво, татковски нè поучи што значи тоа да се биде вистински Христијанин и каква е силата на вистинските Христијани, кои без оружја од овој свет го освојуваат светот.

Господи, Кој денес како смирено Младенче го осени светот со мир, смири ги и нашите срца, всели се во нив и пребивај постојано во нас, за да можеме, поткрепени со Твојата благодат, да го освојуваме светот, приведувајќи ги жедните души кон изворот на Твоето спасение. Амин!

 

Бигорски манастир