сабота, ноември 16, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

(ФОТО) Реставриран и позлатен стариот архиерејски трон во Манастирот Пречиста Кичевска

Во пресрет на празникот на светлото Рождество Христово, во Свештената Пречистанска Обител на Светото Благовештение на Пресвета Богородица, деновиве одново беше поставен древниот архиерејски трон, сега комплетно реставриран и позлатен.

Имено, во рамките на својата грижа за благолепието на домот Божји, сестринството на Пречистанскиот Манастир, предводено од старешинката монахиња Харитина, со благослов на нашиот надлежен владика, Високопреосветениот Митрополит г. Тимотеј и по иницијатива и заложба на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, се погрижи стариот владички престол од дрворез да биде целосно возобновен и истовремено позлатен, со цел достоинствено да ја одразува царската слава на Царот Христос. За таа цел, сестрите ја ангажираа реномираната фирма за копаничарство, реставрација и позлатување „Артис“ од Солун, позната по својата дејност низ целиот православен свет. Умешните работници успешно ги санираа оштетените делови, ги инјектираа бројните шуплини од црвоточината, го заштитија дрвото од понатамошно расипување и целосно го позлатија.

Заедно со престолот во дрворез, беше реставрирана и престолната икона на Господ Исус Христос Великиот Архиереј, духовно и уметничко ремек-дело на нашиот најпознат иконописец од 19. век, Дичо Зограф од с. Тресонче. Иконата, подарена на манастирот на 23 мај 1865 година од познатиот протопсалт, автор и собирач на византиска псалтикијна литература, Јоан Хармосин Охридски, беше мошне умешно очистена и поправена и заштитена од мајсторите и уметниците на истата фирма.

Во средата, на 3 јануари, позлатениот владички престол беше вратен на своето место, совршено вклопувајќи се во величествениот и молитвен амбиент на Пречистанскиот соборен храм.

Трошоците потребни за поправката и украсувањето на архиерејскиот трон дарежливо ги покри благочестивиот г. Горан Трипуноски од Кичево со своето благочестиво семејство, за што им сме премногу благодарни! Нека си спомне Бог за доброто дело!

 

Бигорски манастир