Околу 1.000 охриѓанчиња денеска се дел од Бадникова поворка што по традиција се одржува на Бадник, ден пред големиот христијански празник Божиќ.
Пеејќи ја возобновената христијанска песна Вечниот Бог, со ѕвезди во рака коледарчињата тие го најавуваат Христовото раѓање. Поворката тргна утрово во 10:30 часот од црквата „Св. Георги“ во Горна Влашка Мала и се движи по улицата „Јане Сандански“, булевар „Туристичка“ и охридската чаршија. Во 11:30 часот на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ кај бадниковата пештера коледарчињата ќе ги пречека градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, заедно со советниците од Советот на Општина Охрид, директорите на охридските јавни претпријатија и останати функционери кои ќе ги даруваат со пригодни подароци.
Предводници на поворката ќе бидат Ѓоко Танески и Христијан Настоски- Пајак.
Бадниковата поворка во Охрид која се одржува 11 година по ред е во организација на Здружението за грижа и воспитување деца од Охрид и е поддржана од локалната самоуправа.