петок, ноември 15, 2024
Наш изборНаш ИзборОхрид

Струга без ниеден украс за Нова година и покрај одвоените пари за украсување на градот

На само десет дена до Новата година, наместо украсена, Струга е обвиена во темница. Дури и граѓаните почнаа да си играат мајтап, барајќи од градоначалникот Рамиз Мерко да го украси градот или самите ќе го сторат тоа. Во градот нема ниту една украсна сијаличка иако Советот на општината одвои нешто повеќе од 16 илјади евра за декорации. Граѓаните велат дека ова е срамота за Струга, која е туристички град.

„Требаше да се украси, но можеби планираат деновиве до 30.12. Малку доцниме да, но дека требаше да се украси – требаше, затоа што сепак е Нова година и туристички град е…“

„Дека треба да е украсен градот треба да е украсен, но кога ќе се украси, тогаш критичарите веднаш ќе речат дали треба да се трошат пари. Јас мислам дека има уште време и можеби ќе се украси.“

„Струга е убава. Но, овие треба нешто да направат, а не само да чекаат од народот. Треба да ја разубават Струга. Јас не гледам ништо. Сврти се каде сакаш јас не гледам ништо. Барем едно светло да има. Ова е срамота. Кај нас пред два месеци ги средуват работите за Нова година.“

„Жалосно е. Во секој случај жалосно е…“, реагираат граѓаните.

И хотелиерите кревата раменици. Велат дека и локалната власт треба да придонесе за поубава празнична атмосфера и за туристите и за стружани.

„Градот ќе биде полн. Гастрабајтерите доаѓаат во овој период и крајно време е да се украси градот. Штом е 20 декември и не е накитено, секако дека доцнат“, вели Ана Јанчева-менаџерка на хотел.

За разлика од Струга, Охрид е украсен веќе две недели. Прашавме во општина Стурга кога и дали планираат да го украсат градот, но одговор не добивме.

 

alsat