Наш изборНаш ИзборОхрид

(ФОТО) Празникот Воведение прославен со светогорски благослов во Манастирот Пречиста

Прекрасен е Бог во Своите дела, Кој уште од почетокот на вековите посака да ја обнови нашата природа и да го соедини образот Свој – Словото Свое – со нашиот изранет и извалкан образ. Он посака да соедини сѐ небесно и земно, та Црквата на Синот Свој да ја прими полнотата на животот. Се принесува денес благословениот плод на Јоаким и Ана, како жртва благопријатна во Храмот Господов.

Небесната Скинија чекори кон Светињата на Светињите, Мајката на Животот влегува во Храмот, подготвувајќи се да Го роди нашиот Живот. Се исполнува денес од веки чуваната тајна: предвечното и натсуштествено Слово, Кое посака со Себе да нѐ соедини и во сè еднаков со нас да стане, од небесата ја подава раката Своја и ја воведува во Храмот, Онаа Која Негов најдостоен храм ќе постане и Која во своите мајчински раце ќе Го прими и на светот како Младенец ќе му Го принесе. Он меѓу сите ќерки човечки ја избира најчистата и најдобродетелна Девојка, која уште од раѓањето носител на непорочната човечка природа стана. Таа е Приснодевата на која денес пофалби ѝ принесуваме и чиј вход во Светињата на Светињите го прославуваме; Онаа Која од Бога за спасение и возобновување на нашиот род беше предодредена.

И како сега нашите срца да не ја воспеваат Пречистата Дева Марија, преку Која се извршија овие неискажливи таинства за нашето спасение! Како нашите усти да не ја славословат Онаа Која целиот човечки род со Својата Рожба го благослови! Како најблагоуханите духовни цветови да не ѝ ги принесеме на Онаа Која меѓу сиот род човечки цвет најблагоухан постана! Таа својата мајчинска утеха, кон нас, нејзините монашки рожби, постојано ја излева и душите со изобилна благодат ги полни.

Оваа година, на овој свој величествен празник, Богородица ни донесе еден благоухан монашки цвет од својата светогорска градина: смирениот светогорски Старец Антипа, познатиот духовник, љубител на Светиите и проповедник на силни, од Бога вдахновени слова, кои ја возвишуваат душата до областите на Божјата мудрост и красота. Всушност, Старецот Антипа допатува во Светата Пречистанска Обител ден порано, во саботата, на покана на монашкото сестринство со старешинката монахиња Харитина и со благослов на нашиот возљубен Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј. Во неделата, пак, по Божествената Литургија, Старец Антипа на притекнатиот народ во Пречистанската Светиња му ја принесе својата љубов, преточена во една прекрасна поучителна и умилителна омилија за целта и суштината на нашиот живот на Земјата.

Како печат на својата љубов и почит кон богољубивиот и светителољубив Епископ и наш Старец г. Партениј, Архимандритот Антипа му подари чесни мошти од десет Светии Божји: Светите Маченици Самон, Гуриј и Авив, Св. Александар Патријарх Константинополски, Св. Маченик Јустин Философ, Св. Параскева (од Рим), Св. Варвара, Св. Наталија, Св. Христина и Св. Лавр. Исто така, за време на својот престој во Манастирот, отец Антипа ги имаше положено во Храмот моштите на Светата Праведна Ана, мајката на Пресвета Богородица, за поклонение и духовна поткрепа на верните.

Вечерта, пак, на самиот празник, понесен од својата синовска љубов кон Богомајката, Старецот Антипа ја прослави Причинителката на нашата радост со нашиот возљубен Старец, Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, со нашето монашко семејство, со сестрите монахињи од Манастирот на Свети Јован Златоуст крај Битола, коишто допатуваа на нашата голема радост, како и со множеството верници слеани во еден дух и во една љубов на сеноќното бдение во нејзиниот славен Манастир крај Кичево. Самото бдение беше вистинска благодатна посета на Царицата на Ангелите, Која со својата мајчинска љубов влегуваше во таинствениот храм во сечие отворено за верата срце. А прекрасен словесен украс на сето тоа духовно благолепие беа преубавите слова за Царицата Мајка на нејзините сакани чеда, Светиот Антаниски г. Партениј и Високопреподобниот Старец г. Антипа.

 

 

Бигорски манастир