АктуелноОхрид

(ФОТО) Како изгледал Охридскиот аеродром некогаш?

На Социјалната мрежа фејсбук, на групата Македонски стари слики / фотографии, објавена е фотографија од Охридскиот аеродром. За жал не пишува од која година датира оваа фотографија.

Аеродромот во моментов има 8 паркинг позиции за авиони од комерцијалната и 5 паркинг позиции за авиони од генералната авијација на пристанишната платформа. Пристанишната зграда и другите аеродромски инфраструктурни објекти опслужуваат околу 60 000 патници и околу 1 000 операции на воздухоплови на годишно ниво. Основната причина за постоење на охридскиот аеродром е развој на туризмот во охридскиот туристички регион, како и алтернативен аеродром за летовите на Меѓународниот аеродром Скопје.

Периодот на настанување и афирмација на охридскиот аеродром започнува со официјалното ЈАТ-ово изведување на првиот промотивен лет во комерцијалниот сообраќај на 5 јули 1953 и трае до почетокот на 1968 година, кога се започнати практичните активности околу модернизирање и реконструкција на аеродромот. Со промоцијата на новата воздушна туристичка линија на релација Белград – Скопје – Охрид, ЈАТ го вклучил охридскиот аеродром во сопствената домашна воздушна мрежа на аеродроми во тогашната југословенска заедница.

Во втората половина на 60-тите години, со модернизацијата на флотата на авиониц во ЈАТ и со зголемувањето на физичкиот обем на сообраќајот, честопати било поставувано прашањето за потреба од модернизација и реконструкција на охридскиот аеродром. Активностите околу изнаоѓањето на реални можности за реализација на таквата идеја започнале уште кон крајот на 1965 година, а последната оперативна зона на стариот аеродром се одвивала во летниот период 1967 година. Практично, со почетокот на 1968 година завршува превиот развоен период на охридскиот аеродром. Во периодот од 1968 до 1970 година, согласно техничката документација за изградба на новиот аеродром, прво биле изведувани подготвителните работи околу приспособување на теренот на постојната аеродромска локација, а потоа биле започнати градежни работи врз изградба на нова асфалтно-полетно-слетна патека и другите маневарски површини, пристанишна платформа, пристанишна зграда, контролна кула, гаражи, трафостаница, паркинг простор, технички комплекс, приодни патишта, периметарска ограда и други инфраструктурни објекти. Старата пристанишна зграда била реконструирана, проширена и адаптирана за сместување на административните служби.

Постои една приказна дека аеродромот во Охрид е изграден за потребите на англиската кралица, која, наводно, за време на посетата на Јосип Броз Тито на Велика Британија, во 1953 година, изразила желба да ги посети Белград, Дубровник и Охрид, јави весникот Вечер.

Со оглед на тоа дека Охрид во тоа време немал аеродром, Тито веднаш наредил да се изгради.

Кралицата никогаш не дојде во Охрид, но затоа тука беше престолонаследникот Чарлс. Принцот од Велс во Охрид дојде само на еден ден, кога му беше доделена честа да отвори една британска развојна агенција.

 

Извор: ФБ Македонски стари слики / фотографии