АктуелноОхрид

Во Охрид започна 14. Школа за млади лидери основана од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов

Во Охрид синоќа започнаа сесиите во живо од 14тата Школа за млади лидери на поранешниот претседател на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов.

Школата беше свечено отворена вчеравечер, од поранешниот претседател Иванов, кој на младите лидери им посака добредојде во Охрид. Им посочи на младите лидери никогаш да не ја губат надежта и трпението и секогаш да размислуваат позитивно, да бидат подготвени континуирано да се образуваат и да се развиваат, а тоа можат да го постигнат со самокритичност, самодоверба и саморефлексија. Исто така, им посака да се стекнат со нови пријателства, нови лидерски вештини и нови знаења кои ќе ги подготват полесно да се соочат со предизвиците на нивниот животен пат.

По неговото поздравно обраќање, како гостин на Школата се обрати и поранешниот претседавач со претседателството на Босна и Херцеговина, проф. д-р Младен Иваниќ, кој на големо задоволство на учесниците зборуваше за лидерството, за одлуките кои треба да ги носат и дека истите тие одлуки не секогаш ќе бидат прифатени од останатите, но тоа е одлика на вистинските лидери.

Учесниците, предавачите и гостите во текот на Школата, освен што ќе уживаат во преубавиот амбиент на долгогодишниот поддржувач и партнер на Школата – Хотелот „Инекс Олгица“ и ќе имаат можност да ги видат убавините на Охрид.

Темата на овогодинешната Школа за млади лидери е „Едукација – трансформација – лидерство“ и на истата учествуваат четириесетина учесници од различни земји од светот, од Македонија, Србија, САД, Азербејџан, Турција, Јемен, Алжир, Нигерија, Германија, Филипини и Канада, кои своите знаења, вештини и амбиции за лидерство ќе ги градат и развиваат со повеќе од дваесет меѓународно признати професори, експерти од различни области, актуелни и поранешни политичари. Меѓу предавачите оваа година се Златко Лагумџија, поранешен Премиер на БиХ, актуелен Амбасадор на Босна и Херцеговина во ОН; д-р Исмаил Сарагелдин, поранешен директoр на Александриската библиотека и потпретседател на Светска банка; проф. д-р Колин Снидер, професор по историја на Латинска Америка на Универзитетот Тексас – Тајлер; проф. Томас Гудерјан, професор по антропологија на Универзитетот Тексас – Тајлер во САД; Мајк Коб, експерт за организирање на процесот на едукација во Саудиска Арабија; Марк Донфрид, директор на Институтот за културна дипломатија во Берлин; проф. д-р Роберт Стеркен, професор по политички науки во Универзитетот Тексас-Тајлер во САД;  проф. д-р Анис Сефиданис, професор информатички науки и роботика на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид; проф. д-р Невенка Димитрова, лидер во истражување на податоци од областа на биомедицината; проф. д-р Александра Креглер, асистент професор на одделот за Социологија на Универзитетот Тексас – Тајлер во САД; проф. Никола Илиќ – основач и директор на ChangeLab Global, професор на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон; проф. д-р Александар Кирјаковски – асистент професот по Психологија на Меѓунатодниот Балкански Универзитет во Скопје; амб. Ивица Боцевски, поранешен вице премиер за Европска Интеграција и поранешен амбасадор во Бразил; Зоран Костовски и Ранко Безар од МОТИВА; Виктор Мизо, генерален менаџер на Костал Груп и Костал Македонија; д-р Игор Радев од МАНУ; Рашела Мизрахи, пратеничка во Сорабранието на Република Македонија; д-р Александар Митов, експет по јавно здравје и проф. д-р Гордана Силјановска – Давкова, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, пратеничка во Собранието на Република Македонија и кандидат за претседател во 2019 година.

Школата е организирана од Кабинетот на поранешниот Претседател Иванов во партнерство со Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Алумни Асоцијацијата „Иванов Школа за лидери“.

14-та Школа за млади лидери на Претседателот Иванов континуирано ја потврдува својата заложба за создавање на нови генерации млади лидери во областите од кои доаѓаат, притоа овозможувајќи им преку предавањата кои ќе ги слушаат и контактите кои ќе ги создадат, понатаму да се развиваат и на личен и на професионален план.

Спонзори и поддржувачи на Школата за млади лидери се Канцеларијата на ТИКА – Агенција за соработка и координација на Турција во Скопје, Хотелот Инекс Олгица Охрид, ТАВ Македонија, Туркиш Ерлајнс, Делфино, Витаминка, Алкалоид, Петрол Оил, А1 Македонија, Скопска пивара, DMS, Комфи Ејнџел, Мотива.

Школата за млади лидери е иницијатива на Претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 13 школи, учествуваа 509 млади луѓе од земјата и од странство, со различна академска и професионална позадина. Во склоп на Школата за млади лидери, низ годините до сега предавања одржаа над 322 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.