Наш ИзборНаш изборОхрид

Соборност и духовно единство за Крстовден во Рајчица

енес кога чесниот и животворен Крст победнички се издигнува во храмот, Мајката Црква таинствено нè повикува со очите на срцето во него да ја видиме возвишената крстна жртва и така да ја спознаеме длабочината на Христовата љубов за секого од нас. Оти на него љубениот наш Христос доброволно ги рашири рацете, за да нè прими сите во Својата топла и животодавна прегратка. Оној за Кого и за Чиј Крст светот нема место, денес ни дава можност да ги подигнеме нашите умови и срца и да го допреме тоа до коешто светот нема пристап, да ја примиме Неговата жртвена љубов којашто неискажливо го вселува мирот во нас. Да го прегрнеме уште еднаш Крстот на Спасителот во којшто единствено го наоѓаме нашето спасение. И прегрнувајќи го тоа орудие на мачење и срамна смрт, кое за нас стана сигурен знак на Божјата непоклатна љубов, знак на слобода од синџирите на гревот и вечен живот, да го издигнеме во себе и својот животен крст, да го поставиме цврсто во средината на нашиот живот и на него да ги рашириме своите раце во љубовна прегратка за нашите ближни. Таму, висејќи смирено на својот крст, да фрлиме поглед и со други очи да го видиме светот. Оти на крстот учиме да љубиме, а не да мразиме, учиме за сострадалност, а не за рамнодушност, за прошка, а не за одмазда. Учиме како братски да се прегрнеме еден со друг. Тоа е христијанскиот пат на крстот. Не патот на принуда и сила, на моќ и статус, што срамно ги жигосува оние за кои Христос го дал Својот живот. Не! Патот на крстот е пат на смирено благодарење и љубов кон сите и кон сè. Да се живее христијански, без отровот на гневот и злобата, коишто нè прави како змии што еден со друг се касаат и роптаат и зло шират. Нам, Христијаните кои сме преродени од прободеното ребро на распнатиот Христос и така се ослободивме од отровот на смртта, не ни доликува повторно да се враќаме во страсните окови што нè влечат кон дното. Затоа, да се излечиме одново, со вера погледнувајќи во спасителното Дрво, за да станеме вистински радосни сведоци на новиот живот во Воскреснатиот наш Господ.

Одново рајчичкото светилиште на Победоносецот Георгиј, достојно украсено, станува гостољубив домаќин на сите смирени поклоници на Крстот Христов, кои пристигнаа со вера да се напојат од бесмртната сила што извира од него, и гледајќи го пред себе тоа знамение на вечната победа над злото, да се поклонат пред Оној Кој висеше на него, за да нè излечи од смртоносната болест на непокајанието и да ги преобрази нашите скаменети срца. Втонати во молитва, пред закитениот со цвеќе образ на Воздвижението, коешто во себе носи дел од животворното крстно Дрво на Спасителот, присутните таинствено го вселуваа во себе тој победоносен стожер на Црквата, барајќи од Господа поткрепа во носењето на својот крст: „Ти кој Црквата ја втемели на Крстот, постави го како темел и на мојот живот и нека биде непоклатен столб на секоја моја мисла, намера и цел; нека ме насочува како вистински патоказ кој води до спасението и вечниот живот; нека ми биде потпорна прачка на која ќе ги умножувам плодовите во Божјото плодоносно лозје; нека ме заштитува од бурите како кормило кое сигурно ќе ме води до мирното пристаниште на Твојата волја; нека ми стане мост по кој ќе преминам од земјата на небото, од смртното постоење во вечната радост на Твоето Царство!“

А колку ли помоќно и тие молитви на верниците се издигнуваа, зајакнати од радосното присуство и молитвената поткрепа на нашите отци и ценети гости – Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, кого веќе го имаме за сакан пријател на нашето монашко семејство и искрен добротвор на нашата света Црква, Преосветениот и почитуван Епископ Дремвицки г. Давид, кој за прв пат по братското помирување во Христа, ни доаѓа со обилна почит и љубов, и нашиот сакан брат во Господа, Протопрезвитерот г. Бобан Митевски од Скопје. Празнично ликување за нашите души беше и присуството на нашите возљубени сестри монахињи од Клисурскиот Манастир на Светите Браќа Кирил и Методиј во Бугарија, кои допатуваа за славата на Чесниот Крст заедно со нивната света Игуменија Таиса и ни причинија голем радост.

Духовен печат на синоќешното празненство, освен патријаршискиот благослов преку почитуваниот Митрополит г. Кирил, беа и обраќањата на Преосветените Епископи – г. Партениј Антаниски, кој им се обрати на светите архиереи и на присутните гости како домаќин, и г. Давид Дремвицки, кому му беше дадена честа да престои на Вечерната богослужба и следствено, да упати возвратно слово.

 

 

Бигорски манастир