четврток, ноември 14, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Денес се одбележува и споменот од Осветувањето на храмот на Христовото Воскресение

Кога светата царица Елена го најде Господовиот Крст во Јерусалим, во таа прилика се задржа подолго во овој Свет град и изгради цркви во Гетсиманија, во Витлеем, на Елеонската Гора, како и на други прославени места од овоземниот живот и подвиг на Исус Христос.

 

А на Голгота, каде што и го пронајде Чесниот Крст, започна да гради огромна црква под чијшто покрив се наоѓаше и самата Голгота каде што беше распнат Господ, како и местото каде што Го погребаа. Светата царица сакаше под едно место да ги соедини местото на Неговото страдање и местото на Неговата слава. Меѓутоа, Елена се престави пред Господа пред да биде завршен овој величествен храм.

 

Кога го завршија храмот, токму таа година Константин ја празнуваше триесетгодишнината од своето царување. И така и осветувањето на храмот и прославувањето на царскиот јубилеј беа прогласени за истиот ден, 13 септември 335 година. Во тоа време во Тир заседаваше помесниот собор на епископите. И овие епископи, како и мнозина други, дојдоа во Ерусалим на торжественото осветување на храмот на Воскресението Господово.

 

И тогаш се востанови тој ден, како ден на победа и триумф на Христовата Црква, да се споменува празнично секоја година.

 

 

denovi.mk