Дозволете ми да изразам искрена благодарност до ОКТА АД Скопје за нејзината донација и високата општествена одговорност што континуирано ја покажува и да и го честитам 45 годишниот јубилеј и да и посакам многу успех во иднина. Ние како локална самоуправа, целосно сме посветени да обезбедиме најдобри услови за одвивање на воспитно образовен процес на целата територија на Општина Охрид. Со реализација на овој проект, ќе се постигне значајна заштеда на енергија и ќе се намалат трошоците на училиштето што секако за нас има големо значење, бидејќи со тоа остануваат повеќе средства за подобрување на други аспекти од образовниот процес.
Фотоволтаичната централа ќе придонесе во неколку важни сегменти од работата на училиштето – намалување на потрошувачката на електрична енергија, заштита на животната средина преку користење на обновливи извори на енергија, како и подигање на свеста кај учениците за важноста од употребата на одржливи енергетски решенија. Оваа донација претставува долгорочна инвестиција во иднината на училиштето, обезбедувајќи одржливи придобивки, не само за идните генерации на ученици, туку и за целата заедница.
Вкупната инсталирана моќност на новата фотоволтаична централа изнесува 21,8 киловати и може годишно да произведе и до 26,5 мегаватчасови, што претставува заштеда и до 50% од трошоците за електрична енергија, пишува во својата објава градоначалникот Кирил Пецаков.