недела, ноември 24, 2024
Охрид

Трипати, започнувале да ја ѕидаат црквата, а трипати некој навечер ги уривал и ги фрлал алатите повисоко -легенда за изградбата на црквата Богородица во Скребатно

Црквата се наоѓа на влезот во познатиот Скребатински манастир, сместен високо над селото Скребатно.

Црквата била значително поправена во 1922 година.

Сепак, по својата градба, архитектура и остатокот од фрески во олтарната апсида, дел од црквата се верува дека потекнува од XVI век, од времето на монахот Кипријан, зограф од Слепченскиот манастир.

 

Црквата особено пропаднала со иселувањето на скребаштани во 1960-тите години.

 

 

Во 2003 и во 2006 година, црквата повторно била значително обновена. Била извршена надградба на црквата со кубе поставено на осмострана основа и сега висината на сводот изнесува 8 метри, а висината на кубето 12 метри. Доградбата била извршена по проект на охридскиот архитект Тодор Паскали.

 

Во дворот на црквата била подигната камбанарија висока десетина метри по проект на архитектот Драги Танески.

Легендата кажува дека селаните сакала да ја изградат црквата подолу, односно во близина на селото. Но, трипати, започнувале да ја ѕидаат црквата, а трипати некој навечер уривал и ги фрлал алатите повисоко.

Градбата на црквата е од кршен камен.

Црковниот двор пред црквата е уреден до калдрма, која потекнува од охридската чаршија.

 

Фрескоживопис

Црквата поседува фрескоживопис, кој бил изработен во 1929 година од страна на Крсто Николов и син му Рафаил од селото Лазарополе.

 

Новиот живопис изработуван во 2007 и во 2008 година бил изработен од уметниците Владимир Коцарев и Стефан Кајтез. Поседува сцени од Христовиот живот и ликови од новиот завет. Во долната зона ликовите се претставени во цел раст.

Првиот ред на иконостасот е сочинет од литиски икони. Од левата страна на царските двери е претставен Исус Христос, Св. Јован Крстител, а од десната страна Св. Богородица, Успение на Богородица и Св. Ѓорѓи. Во вториот ред се поставени 13 икони на големите празници и тоа: Св. Никола, Св. Стилјан, Воскресение Христово, Св. Спиридон, Св. Петка, Рождество Христово, Св. Атанасиј, Св. Климент, Крштение Христово, Св. Недела, Св. Илија, Св. Талалеј и Св. Наум. Во третиот ред се поставени 15 икони од кои иконите на 12. апостоли, во средината Св. Троица, а кон нив на краевите се додадени Св. Трифун и Св. Димитрија. Горе иконостасот завршува со големохристијански крст.

 

 

 

wikipedia.org