Охрид

Скребатно и годинава ќе ги пречека верниците кои ќе го посетат манастирот Света Богородица

Успение на Пресвета Богородица — главна манастирска црква на Скребатинскиот манастир во охридското село Скребатно.

Црквата се наоѓа на влезот во познатиот Скребатински манастир, сместен високо над селото Скребатно.

Црквата била значително поправена во 1922 година.

Сепак, по својата градба, архитектура и остатокот од фрески во олтарната апсида, дел од црквата се верува дека потекнува од XVI век, од времето на монахот Кипријан, зограф од Слепченскиот манастир.

Црквата особено пропаднала со иселувањето на скребаштани во 1960-тите години.

Во 2003 и во 2006 година, црквата повторно била значително обновена. Била извршена надградба на црквата со кубе поставено на осмострана основа и сега висината на сводот изнесува 8 метри, а висината на кубето 12 метри. Доградбата била извршена по проект на охридскиот архитект Тодор Паскали.

Во дворот на црквата била подигната камбанарија висока десетина метри по проект на архитектот Драги Танески.

Легендата кажува дека селаните сакала да ја изградат црквата подолу, односно во близина на селото. Но, трипати, започнувале да ја ѕидаат црквата, а трипати некој навечер уривал и ги фрлал алатите повисоко.

Градбата на црквата е од кршен камен.

Црковниот двор пред црквата е уреден до калдрма, која потекнува од охридската чаршија.

Илјадници верници по традиција на 28-ми овој месец, ќе дојдат во Скребатно каде ќе се помолат во храмот на Пресвета Богородица, по што за сите ќе биде поделен традиционалниот ручек кој се служи во оваа црква.

На празникот Успение на Пресвета Богородица во кругот на обновената црква во Скребатно се подготвува и дели ручек за 5.000 луѓе, со што се продолжува заветот даден пред повеќе од два века.

 

Тоа е голем црковно-народен собир посетен од 7-8 илјади домашни и гости од странство, на кој во кругот на обновената црква „Св. Богородоца“ се подготвува и дели ручек. Необично во целата приказна е што Голема Богородица, како што народот го нарекува големиот христијански празник, толку масовно се празнува во планинското село кое одамна е напуштено и нема ниту еден постојан жител.

Собирот во секој негов дел секогаш е одлично организиран, уредени се паркинзи и важи посебен сообраќаен режим за празникот што ги поштедува гостите од застои. Се служи манастирска ракија и храна, а секогаш е весело со ора и изворна музика.