сабота, ноември 16, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Иван Антоновски е годинешниот добитник на наградата за најдобар расказ „Живко Чинго“

Иван Антоновски е писателот на расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ под шифра: „Обид на македонистот“, кој од страна на комисијата во состав: проф. д-р Димитар Пандев, претседател, м-р Перчо Божиновски, член и доц. д-р Мерсиха Исмајлоска, член, беше избран за најдобар на годинашниот конкурс „Живко Чинго“.

Иван Антоновски (1990) е писател, книжевен критичар, есеист и книжевен преведувач, асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Автор е на неколку книги со студии и есеи за современата македонска книжевност, поетски книги и книжевни преводи. Неодамна, во издание на книгоиздавателството „Матица македонска“ беше објавена неговата најнова книга „Просто и строго – Конески“. Соприредувач е на три антологии и на неколку други монографски публикации кои се однесуваат на современата македонска книжевност. Бил уредник и соработник на неколку списанија за книжевност и култура, меѓу кои и на е-неделникот „Репер“. Во моментов е уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Добитник е на неколку книжевни награди и општествени признанија, меѓу кои се наградата „13 Ноември“ на Град Скопје и наградата „Франк Манинг“ на Ректоратот на УКИМ. Прогласен е за најдобар млад научник во хуманистичките науки за 2021 година и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот славистички комитет.

Наградата за најдобар расказ ќе му биде доделена во рамки на манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“ што ќе се одржи на 13 август во неговото родно место Велгошти.