Наш ИзборНаш изборОхрид

(ФОТО) Дела од колекцијата на Славко Упевче инспирирани од Св. Наум – „Талентот на секој уметник е дар Божји, што некои го умножуваат, а некои го закопуваме, Упевче спаѓа во првите“, истакна Архимандрит Нектариј

Охриѓани и гостите уживаа во извонредните дела од колекцијата на Славко Упевче инпирирани од Свети Наум, во научниот и уметнички центар “Куќа на Уранија” – МАНУ, Охрид.

Пред присутните се обрати Акад. Газанфер Бајрам кој зборувајќи за делата на Упевче истакна:

„Славко Упевче по петти, јубилеен пат, отвора изложба во Куќата на Уранија. Кога се бараа податоци за Охрид, пред постоењето на Википедија и Гугл, обично се бараа податоци кај некој хроничар. Како прв хроничар што сум го сретнал во литературата е познатиот писател Бранислав Нушиќ кој во свое време даскалувал во Охрид. И многу други познати и непознати патници, истражувачи, освојувачи се одушевувале од убавините на Охрид. Се разбира, и многу славни и познати Охриѓани оставиле записи за својот роден град. Не можам да ги споменам сите, но еве некои од нив: неизоставниот Прличев, Борис Чипан со Џеладин бег, Ташула и Горни сарај, Никола Јанев со книгата Маргиналии за мојот град и други.

Славко Упевче спаѓа во хроничарите што не го опишуваат Охрид со зборови, туку го сликаат, цртаат и визуелно можеме да ги доживееме убавините и историските старини на Охрид. Не можам да одолеам а да не ги споредам сликите на Упевче со ремек-делото на Оскар Вајлд Сликата на Доријан Греј. Таму сликата старее наместо ликот. Сликите на Упевче се парадигма на тоа, Охрид старее, се менува, како што вели Никола Јанев: „Гледам дека Охрид се менува, дека некои нешта исчезнуваат, пропаѓаат, ги голта времето, а повеќето од нив остануваат незабележани, па потоа и подложни на заборавање”. Какво објаснување за портретот на Охрид! Имаме среќа што нашиот хроничар Упевче ги портретира сите знаменитости, обележја, како природни така и историски. Некои неминовно исчезнуваат, што по природен пат, што поради нашата негрижата и несовесно однесување кон старините и убавините на природата. Упевче ја претставил досега во повеќе наврати архитектурата на Охрид, куќи што ги снемало и ги снемува, ретки растенија како муренките, славниот чинар и др. Денеска пред нас се неговите сведоштва, портрети на едемското место на охридското крајбрежје – Свети Наум. Свети Наум е место обележано како свето, вечно почивалиште на светецот почитуван од сите во овој крај. Како што споменува Нушиќ и други автори, ова светилиште на исцелителот – чудотворец го почитувале и му се поклонувале подеднакво сите вери и христијани и муслимани.

Вечерва гледаме дека има слики кои се настанати од 70-тите години на минатиот век, па се до денес. Ќе ги видиме сега непристапните делови на изворите на Дрим, ќе видиме воденица која веќе не постои, ќе видиме поглед кон манастирот денес невидлив од нови градби. На една слика е претставен поглед кој е волшебен и доловува чувство дека е од езеро или од копно, како што сакате. Со голем сензибилитет ги прикажува изворите во сите годишни времиња. На неговите пастели ќе ги видиме Галичица под снег, снежнобелиот паун кој веќе го нема, одразот на небото и дрвјата во мирните води на изворите на Дрим и на езерото. Се гледа дека чувствува природата и ги согледал местата на кон веќе немаме пристап, со тоа предизвикува меланхолија. Со сето ова пече се впишува во листата на охридски хроничари и неговото творештво предизвикува носталгија. Се прашуваме: Дали исчезнува овој Охрид?

Заветот од славниот Охриѓанец Прличев кој вели: „Неработејнето је мајка на сфите таксирати“, е максима на творечкиот пат на Упевче, истакна Акад. Газанфер Бајрам.

Обраќање имаше и Архимандрит Нектариј, игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“.

„Свети Григориј Богослов вели: – Природата е отворена книга на која, Бог, како со Својот прст да си го напишал Своето Име на неа.

Една наша Охриѓанка која работеше во НАСА – Соединетите Американски Држави, а и сега соработува како пензионирана, во еден наш разговор во Св. Наум, рече: – Ние научниците-астрономи, набљудувајки ја Вселената преку новите моќни телескопи, Му благодариме на Бога што ни дозволи да ѕирнеме зад „завесата“ на тие невидени убавини.

Господинот Славко Упевче, со кого се знаеме повеќе од 30 години, како чест посетител на манастирот Св. Наум и на неговата волшебна убавина, преку неговите акварели и пастели, ја тргна „завесата” за да ѕирнеме и ние во тие Светинаумски убавини кои честопати не ги забележуваме и не ги регистрираме.

Талентот на секој уметник, поет, писател, музичар и т.н. е дар Божји, што некои го умножуваат 100%, некои 50%, а некои, за жал, го закопуваме. Академскиот сликар Славчо Упевче спаѓа во оние првите, бидејки за тоа сведочат неговите дела.

Му посакувам уште многу дела, крепко здравје и секое добро од Бога, по молитвите на Св. Наум.
Амин, истакна Архимандрит Нектариј.

 

извор: Охрид 1