АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

(ФОТО) Дебарско-кичевска епархија : Од празнувањето на Преподобен Наум Охридски Чудотворец

„Да застанеме, браќа, во домот на нашиот Бог и во дворовите Негови, и да ги прославиме Неговите величија и чудеса, зашто е дивен во Своите светии, кои се покоруваат на Неговите заповеди. Со нив и Наум пречудниот се радува“ (песна од канонот на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).

Навистина Бог е дивен во Своите светии, зашто во нивното лице, во нивниот живот, па и во нивната смрт, се гледа убавината на образот Божји, исчистен и оправдан, образот според кој и човекот беше создаден. Затоа светиите светат како светила уште тука на земјата, а уште повеќе се прославуваат по нивното преселување во прегратките на Бога. Ете зошто и не избледнува споменот за светиите и после децении и векови поминати од нивната блажена смрт. Таков е случајот и со нашиот преподобен Наум Охридскиот Чудотворец, нашиот храбар Црноризец, кој го поучувал, лекувал и се молел за нашиот народ, а и уште се моли, лекува и поучува. И оваа 2023 година, во деновите на прославата на великиот светија, на 02 и 03 јули, манастирот на Белото Езеро – „Св. Наум Охридски“ беше преисполнет со верни луѓе од сите краишта на нашата земја и од сите страни, кои дојдоа да се поклонат на гробот на Преподобниот, и да се помолат за себе и за своите ближни. Прославата на преподобниот Наум започна на 02 јули, во вечерните часови, кога беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски.

Празникот на нашиот застапник и молител пред Бога продолжи на 03 јули, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше  Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Сашо Целески, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света православна Црква прославува еден голем молитвеник пред Престолот Божји, а тоа е преподобниот Наум Охридски. За светиот Наум многу е зборувано и пишувано. Сето она што е за него пишувано и кажувано, кога би се собрало на едно место, би можело да се каже дека тоа ќе претставува една сериозна библиотека. Што би можеле тогаш да додадеме кон тоа, зборувајќи денес за него? „Не пишувам да го пофалам, бидејќи на праведниците пофалбата им доаѓа од Господа“ – вака вели еден средновековен писател кога го пишува житието на еден Божји угодник. И продолжува: „Пишувам заради корист за себе и на други“. Така и ние денеска правиме.

Се случува кога луѓето пишуваат за св. Наум да ја подвлекуваат повеќе неговата просветна, културна и национална улога. Така многу често се грешело на сметка на вистинската личност на св. Наум. Меѓутоа, тој, пред сѐ, бил голем христијански светител. Од неговата светост произлегуваат сите други многубројни плодови, како и неговата работа, и на културно и на просветно поле, но и на секое друго.

Светителот најнапред се бори против ниската природа во самиот себе. Светителот е победник на борбеното поле на своето сопствено срце, не проливајќи туѓа крв туку леејќи ги сопствените покајни солзи. Тој суверено владее со самиот себе. Затоа тој владее со срцето и на другите луѓе, не со заповед туку послужувајќи им во борбата и сведочејќи ја, пред сѐ, вечната Божја вистина. Тоа го совладал св. Наум пред XI века кај нашите предци, но владее и понатака и со нас. Светителите подобро се познаваат себеси, отколку што обичните луѓе се познаваат. Тие многу добро знаат колку малку е потребно човекот да стане горд и надуен. Затоа светителите се смирени и кротки. И колку повеќе духовно растат толку повеќе нивната смиреност е поголема.


Во време на големи морални и духовни кризи луѓето првенствено боледуваат од самоувереност и гордост. Надуените луѓе се пркосни и пред Бога и пред луѓето. Во тоа е главната причина на исклучивоста и недоразбирањата. Во нашево време во целиот свет цели генерации се воспитуваат и се уверуваат дека човечкиот ум е семоќен и неограничен. Брзиот напредок на науките, техниката и други постигнувања уште повеќе ја поттикнуваат оваа човечка гордост. Ова доведува до масовно рушење на сите авторитети, почнувајќи од Небесниот Отец, па сѐ до земниот родител. Дојдено е до многубројни недоразбирања, брачни, семејни, општествени и меѓународни. Секој смета дека е во право и не го почитува и уважува правото на другиот.

Помеѓу многуте причини, ова е една од најважните. Денеска да застанеме пред свети Наума, нашиот најголем народен учител на смирение и на кротост, потсетувајќи се на неговиот живот и работа, и да научиме дека токму смиреноста и кроткоста биле најзначајните особини на св. Наум Охридски.

Колку повеќе човекот се приврзува за материјалните работи, толку повеќе го губи мирот и спокојството, а повеќе пати и поради страв од секој вид. Затоа материјалистичкото време во кое живееме е проникнато со голем страв. Не е лесно да се сочуваат стекнатите богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат (Мт. 6, 19), а уште помалку и да се ужива во нив. Светоста е највозвишениот степен во кој човек се издигнува, каде што и се ослободува од стравот. Покорувајќи се на Божјиот закон, човекот го совладува стравот што доаѓа од луѓето во овој свет. Така тој достигнува до највисокиот степен на моралната и духовна слобода.

Ние честопати, на иконите на Божјите угодници, можеме да го прочитаме натписот: Дојдете, чеда, послушајте ме: ќе ве научам да се боите од Господа (Пс. 33, 11). Можеби овие зборови дека стравот Господов значи ослободување од секој друг страв звучат малку противречно. Но, најслободни се оние кои најмалку грешат, а најмалку грешат тие кои се бојат од Бога. Затоа уште старозаветниот мудрец има кажано: Почеток на мудроста е стравот од Господа (Пс. 110, 10). Затоа е толку потребно да дојдеме и да се доближиме до св. Наум Охридски и од него да се научиме на страв Господен, за да бидеме слободни, и тоа не по словото на законот туку по Духот – зашто буквата убива, а Духот оживотворува (2. Кор. 3, 6), како што вели големиот апостол и проповедник на народите, апостолот Павле.

Да се обратиме со искрена и топла молитва кон св. Наум Охридски, тој да биде наш молитвеник пред Престолот Божји, па и ние да се научиме на страв Божји и да го исполнуваме законот, а преку тоа да се здобиеме со вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин.

 

 

Дебарско кичевска епархија