АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Отец Ристе Наумоски, неуморниот пастир во Вранишката Парохија кој остава трајни дела вредни за почит

Неуморен во својата дејност, свештенството, истраен во својата намера до крај и голем духовник кој знае да посоветува, да даде поука, прваец на учење и насока кон Православието, она што веќе активно 25 години го пропагира преку својата дејност , свештенослужението во МПЦ -ОА е отец Ристе Наумоски.

Од него протекле и протекуваат низа поуки, низа дејствија и проекти кои ги реалиира преку целата година, но и низа пишани материјали со кои гордо го носи епитетот Магистер по Историски науки.

Низ разговорот со Отец Нуамоски ќе дознаете многу повеќе за неговите почетоци во свештенослужителството како и неговиот духовен татко, како што го нарекува Прота Петре, кој сеуште е жив и има 98 години.

Важи за голем пропагатор на православието кај најмладите што особено е за истакнување големата посетеност на млаите во црквата при неговите неделни богослужби. Всушност тој за многу млади претставува духовен татко, кој ги учи и насочува како да ја засакаат, почитуваат и ценат својата вера.

 

Охрид1: Минатата година одбележавте јубилеј од 25 години активна свештеничка работа во МПЦ, конкретно Вранишката парохија. Би сакала да Ве навратам наназад на Вашите почетоци. Кој беше поводот да започете со една ваква дејност, дали можеби големата наклонетост кој верата и Бога?

Отец Наумоски: Токму во минатата 2023 година се навршија25 години од моето свештенослужење во МПЦ-ОА. Дваесет и пет години од ракополагање ѓаконски чин на ден 30.10.1997 за прв пат после укинувањето на Охридска Архиепископија во катедралниот храм Св.Софија во Охрид од раката на митрополитот Тимотеј,на ден 10.10.1997 во црквата Св.Спас с.Вевчани бев ракоположен за свештеник од раката на истиот митрополит. На ден 15.02 1998 година бев поставен свештеник во Јабланичка Парохија во чиј состав беа и следниве села:Боровец, Јабланица, Пискупштина,Безево,Нерези и Модрич. На 1.09 2004 година бев назначен за свештеник во Ложанска Парохија со следниве села: Враништа,Ложани,Подгорци,Лабуништа,Боровец и Јабланица. Во 2014 година се изврши реорганизација на Ложанската Парохија во која останаа селата Враништа,Ложани и с.Јабланица кои и денес ги опслужувам. Во моментов опслужувам три парохии Јабланичка селото Јабланица,Ложанска селото Ложани и новоформираната Парохија во 2020 година Вранишка селото Враништа.

Уште во најраното детство односно кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век некаде од моја 7 годишна возраст помнам дека бев редовен на Црковните Богослужби се разбира кога ќе имаше во моето родно село Нерези. Најголем поддржувач за посетување на истите за редовно одење во црква во тие безбожни времиња беше нашиот парохиски свештеник прота Петре С.Петрески од с. Јабланица. Секогаш кога доаѓаше во нашето село за било која црковна потреба преспиваше во нашиот дом и преку разговор секогаш се повеќе ме доближуваше кон спознавање на Бога. Прота Петре и денес е жив има 98 години и е најстар свештеник во МПЦ-ОА истиот до денес е мојот духовен татко за што бескрајно сум му благодарен за неговата духовна поткрепа спрема мене. Од 1 до 4 одделение учев во с. Нерези,од 5 до 8 одделение учев во с. Луково, од 1 до 4 година завршив гимназија во Струга. Се запишав на Теолошкиот Факултт во Скопје каде што успешно дипломирав во 2009 година запишав последипломски студии во Институтот за Национална Историја во Скопје  по завршувањето на магистерските студии во 2011 година се стекнав со академски степен магистер по Историски науки.

 

 

Охрид1: Колкав период ја предводите Вранишката парохија и би сакала да ги запознаеме читателите со сите специфики и црковни обележја кои се распространети во овој крај?!

Отец Наумоски: Како што претходно напоменав во селото Враништа сум од 2004 година и бидејќи ова село е едно од поголемите села во струшко истото по мое барање и од месното население со благослов и одлука донесена од страна на митрополитот Тимотеј во 2020 година се здоби со црковно административен статут на самостојна Парохија со името Вранишка Парохија. Самата Вранишка Парохија има огромана улога за христијанството во Струга и струшко претставува една целина со најстари светилишта во овој регион. Враништа е најстара населба во Охридско-струшкиот регион, па и пошироко некогашниот град „Мегалополис“. Кога се одвивал организиран колективен живот на овој простор, немало никакви траги за постоење на градот Струга. За доказ на истото во 2014 година изградивме во кругот на Црквата Св. Никола Музеј. Музеј со многу вековна историја за денешната населба. Преку Артефактите кои што се пронајдени и изложени за увид од пошироката јавност  може да се проследи историјата на селото од праисторија, антиката и раниот среден векн пронајдени разни локалитети во селото. Не само музејот тука е и локалитетот Црковни Ливади-наколна населба од бакарно време, сместена во утоката на реката Шум во Црн Дрим. Долно ливаѓе-археололошко наоѓалиште претставува населба од неолитско време. Кралеј Загони-археолошко наоѓалиште населба од неолитско време. Св. Атанасиј-археолошко наоѓалиште црква и гробишта од доцниот среден век каде што денес е во изградба нова велепна црква. Црквата Воведение на Пресвета Богородица која е во урнатини. Истата е единствена ориентална трикорабна базилика во Македонија е редок споменик, не само за Македонија, ами и за поголем дел од Балканот. Во средината на селото се наоѓа Црквата Св. Никола обновена во 1804 година, на темели од претходно опожарена црква од страна на иноверните поробувачи.Една од поретките цркви, а можеби и единствена на нашиве простори со дрвен таван, во која се наоѓаат црковно-богослужбени предмети и икони од  XV до XVIII век.Но не помалку се значајни и новоизградените цркви Св.Петка Римјанка,Св.Архангели Михаил и Гаврил и Св. КОзма и Дамјан кои исто така се изградени на темели на старите многувековни разурнати храмови. Имаме современа трпезарија кај селските гробишта во кругот на црквата Воведение на Пресвета Богородица-Пречиста и во кругот од Црквата Св. Никола. Слободнно можам да си земам за право да искажам дека јас како иницијатор со огромна поддршка од Црковното Настојателство и месното население и беспрекорната наша взаемана соработка истите се изградија од 2004 година до денес.

 

Охрид1: Во текот на една календарска година реализирате големброј проекти, било тоа да се од хуманитарен карактер или пак излетнички патувања до  познати свети места. Колку сето тоа допринесува за зачувување на духовноста но и зголемување и поттикнување на хуманоста кај верниците?

Отец Наумоски: Можам слободно да кажам дека Вранишката Парохија односно истата да ја споредам равно со градските цркви во која редовно се одвивааат Богослужби. Секоја Недела и секој Празник има Свети Литургии кои ги посетуваат преку стотина верници што за една селска средина е импознтна бројка. Имаме Црковен Хор составен од дечиња како и активна певница која е составен дел од богослужбите. За пофалба е што на секоја богослужба имаме околу педесетина дечиња од сите возрасти. Во склоп на нашата Парохија делува и Хуманитарна Организација која до сега има направено неколку хуманитарни дарувања каде што со радост се прифатени од нашите парохијани кои не би било благородно да ги спомнеме за кого беа наменети. Исто така во текот на годината организираме поклонички екскурзии со посета на цркви и манастири и значајни културно историски споменици во нашата Македонија како и во странство,Грција,Србија,Албанијаи Црна Гора. Преку самите поклонички патувања заедно со молитва и дружеење ја зацврстуваме и уште повеќе ја проучуваме нашата Света Православана Вера.

Охрид1: Она што посебно го пропагирате со голем акцент можам да кажам, е вдахнување на верата и православието кај најмладите. Кои се Вашите активности во таа насока?

Отец Наумоски: Токму така радува што во нашата Парохија редовни на богослужбите се околу педесеттина дечиња од разни возрасти. Истите се организирани во здружение Православна Младина која е единствена од овој тип во Република Македонија и воопшто во МПЦ-ОА. Постојано оддржувам контакт со дечињата,организираме и посетуваме часови по веронаука,имаме детски црковен хор во кој членуваат сите без никаква селективност,организираме разни трибини и часови на разни благопоучни теми, правиме видео презентации,настапуваме на концерти по нашите цркви во Македонија и Странство,организираме црковно-научни екскурзии, односно со младите работиме истите да ги насочиме во текот на својот живот да бидат добри христијани и совесни луѓе во текот на својот живот.

Охрид1: Големите верски празници во  Црковниот храм во село Враништа се под знакот на  шаренило од носии каде најмладите се вклучени во сето тоа. Какво е чувството кога ќе се погледне тоа  и колкава е поддршката од страна на родителите на тие деца

Отец Наумоски: Сите парохијани ја знаат огромната улога која што ја одигруваат дечињата во текот на богослужбениот дел, но сепак ние од време на преме се претставуваме пред нашите верници односно ги разубавуваме поголемите празници со свои настапи односно еден вид на концерти каде што се претставуваме со црковни песни и подзборавени стари народни песни со црковна тематика. Минатата година имамвме еден таков настап за Празникот Велигден, а оваа година ја започнавме со наш настап на Православна Нова Година за празникот Св. Василиј. Карактеристичен дел од нашите настапи се што сите дечиња се облекуваат со радост во традиционални народни носии,а во селото Враништа има повеќе видови на носии бидејќи има и еден дел на доселеници од соседните планински села. Па таа разноликост не прави единствени и специфични. Навистина е прекрасно и не се опишува со зборови чувството да си едн вид координатор,учител,духовен татко и учител на овие прекрсни дечиња. Имаме настапувано во Манастирите: Св. Јован Бигорски,Св.Ѓорѓи-Рајчица,Св.Атанасиј-Лешок,Св.Богородица-Пречиста-Кичево Св.Стефан Метеори Грција и Св. Марена с.Туминец Албанија. Но да не ја заборавиме и на огромната поддршка од страна на членовите на Црковниот Одбор и на самите родители без кои не би можело сево ова да биде организирано.

Охрид1: Автор сте на неколку научни трудови , дали читеталети може да очекуваат на повидок ново Ваше издание?

Отец Наумоски: До сега имам издадено неколку научни трудови односно самостојни изданија-книги и тоа: Монографија за Црквата Св. Јован Владимир с. Подгорци,Долнодримколската чета и нејзиното предавство,Летописна книга за црквата Св.Власиј с.Ложани,Светите места во с.Јабланица, Монографија Безево, историја,култура и традиција, Црквите манастирите и светите места во Долни Дримкол,1500 години Христијанство во Октиси, и Манастир Св.Архангел Гаврил Манастирец.Исто така имам учествувано со свои научни трудови во зборниците Манастирите во Дебарско-кичевската Епархија и 25 години монаштво Св. Јован Бигорски. Овие месеци треба да биде отпечатена и мојата најнова книга Манастир Св.Спас с.Горно Лакочереј, времиња,луѓе и настани.

 

Охрид1