Согласно со чистото и ортодоксно учење, Црквата има двојно значење. Со едното се изразува нејзиниот догматски и религиозен карактер, со други зборови, се изразува нејзиниот мистичен и духовен карактер и второ, нејзиниот надворешен карактер во вистинска смисла на тие зборови. Според православниот дух и исповедување, Црква се одредува како религиозна институција и како религиозна заедница.
Одредувањето на Црквата како религиозна установа (институција), може да се формулира на следниов начин: Исус Христос ја создал со икономијата на Своето овоплотување. Таа е основана врз верата во Него, врз Неговото вистинско исповедание. Таа е востановена на денот на Педесетница, во мигот на слегувањето на Светиот Дух и посветувањето (телетархијата) на светите ученици и апостоли на Христа Спасителот. Тој ги направил инструменти на божествената благодат за да го овековечи искупителното делување на Спасителот. Во тоа востановување била вложена целата полнота на откриени вистини. Во него, таинствено дејствуива Божјата благодат. Во него, преку верата во Христа Спасителот се препородуваат оние кои се прибројуваат кон Него. Во него се чува апостолското учење и предание, како писменото, така и усното.
Одредувањето на Црква како религиозна заедница се сведува на следново: Црквата е заедница на луѓе обединети во единство на духот и во врска на мирот (Ефес. 4,3).
Нејзиното апостолско служење може да се формулира на следниов начин: Црквата е инструмент на Божјата благодат преку која се остварува општење на Бога со луѓето преку верата во Спасителот Христа Исуса.
Вознесувајќи се на небото, нашиот Господ на Своите ученици и апостоли им го испратил Својот Свет Дух во вид на пламени јазици. На тие Свои апостоли Он ја соѕидал Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква – заедница на Бога и луѓето. Тој ѝ дал благодат и искупување за да го спаси човечкиот род, за да го врати од заблудата и го препородила низ таинствата. За да го направи достоен за идниот живот, Он го храни со небесниот Леб.
Во Светото писмо, зборот Црква се употребува во две значења. Најчесто тоа е смислата на човечката заедница обединета со религиозна врска, или, пак, тоа е смисла за Храмот Божји во кој верните се собираат заради заедничко извршување на култот. Кирил Ерусалимски вели дека Црквата има токму такво име, бидејќи ги призива и ги собира сите луѓе.
Зборот Црква (грчки – εκκλησια) означува призив и потекнува од старогрчкиот јазик. Таа означува собрание на луѓе приврзани со една цел, а исто така и местото на кое се собираат. Таа истовремено е и она што содржи и содржината.
Во поширок и христијански смисол, Црквата е заедница на сите слободни и разумни битија, на сите кои веруваат во Спасителот, па со самото тоа и на ангелите. Светиот апостол Павле ја нарекува таа заедница Тело Христово, полнота на Оној Кој исполнува сè во сè (Ефес. 1,23). На тој начин, тој ги обединува сите кои верувале во Христа и пред Неговото доаѓање во светот и кои ја формирале Црквата на Стариот завет. Таа Црква во времето на патријарсите била раководена од ветувањата и верата дадена преку откровение, т.е. УСНО. По тоа, во времето на Мојсеј и пророците, таа била раководена со Законот и Пророците, т.е. ПИСМЕНО.
Во вообичаениот и тесна смисла на зборот, Црквата Христова е Црква на Новиот завет, Црква на благодатта Божја. Таа во себе ги вклучува сите, кои веруваат во Него ПРАВОСЛАВНО. Неа ја нарекуваат и дом Божји, бидејќи Бог првенствено престојува во неа и во неа Му се поклонуваме.
Темелите на Црквата се пророците и апостолите, а нејзин аголен камен е Самиот Спасител. Нејзини столбови се светите отци кои го сочувале единството на верата, а нејзини тули се верните. Вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите… оти се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос (Ефес. 2,19-20).
На крај, Црквата во вдахновеното и божествено Писмо се нарекува Христова НЕВЕСТА: Зашто ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица (2.Кор. 11,2). Црквата се нарекува и дом на живиот Бог, столб и тврдина на Вистината, како и тело Христово: Вие сте телото Христово, а поодделно – членови (1.Кор. 12,27).
Ликискиот епископ Методиј, кој живеел кон крајот на третиот век, во „Симпосионот на десетте девојки”, Црквата ја нарекува пребивалиште на божествените сили и вечно млада Невеста на Логосот. Таа е Божја творба која го надминува сета човечка природа. Тој на крајот ја претставува како „собрание и множество на сите оние кои веруваат“, каде што старите ги подучуваат младите, а совршените – слабите.
Познатиот отец на Римската Црвка и ученик на свети Иринеј, Иполит, во својот спис „Христос и антихрист“ од почетокот на третиот век, многу зборува за Црквата и ја нарекува брод во идното море. Во него се наоѓаат капетан, морнари, едра, сидра и севкупна опрема која ги символизирл Христа, ангелите и верните.
Верувајќи во Духот на светата Црква Кој ги вдахновил овие отци, ние неминовно веруваме и во Светата Црква, која се појавува како предмет на сите тие именувања, дадени од Светиот Дух.
Бигорски манастир