АктуелноОхрид

Според годишниот извештај за работата на судовите на Судскиот совет за 2022 година Основниот суд Охрид се оценува како неажурен

Според годишниот извештај за работата на судовите на Судскиот совет во 2022 година од вкупно 27 основни судови низ земјава ажурни се 14, а неажурни 13. Ваквата оценка е врз основа на разликата меѓу бројот на примени и решени предмети во годината. Односно судовите кои решиле повеќе од примените предмети во текот на годината се ажурни, додека, тие кои не успеале и го зголемиле бројот на заостанати предмети се неажурни.

Па така, меѓу најажурните, односно најмногу е намален бројот на заостанати предмети во ОС Гостивар – 649, така што секој активен судија во просек завршил 1 968 предмети, додека меѓу неажурните, како што е ОС Тетово, иако решил 3 906 предмети по судија, сепак е неажурен и заостанал за 1 223 предмети.

Ако се земе по апелациони подрачја најажурно е апелационото подрачје Гостивар каде секој активен судија решил во просек по 2 829 предмети, но, истовремено тоа е и едно од најпополнетите апелациони подрачје со 65 проценти пополнетост и 13,7 активни судии на 100 илјади жители.

Во просек сите основните судови на ниво на државава во 2022 година работеле со двајца од тројца потребни судии по систематизација, односно од предвидените 456 судии по систематизација пополнети биле околу 63 проценти.

Судскиот совет како причина за намалувањето на судиите ги наведува природниот одлив поради исполнување на условите за старосна пензија, како и немањето законски услови за избор на нови судии со оглед дека нема кандидати кои ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители.

Бројот на судии во земјава е во постојан пад во последните неколку години од 499 во 2019, на 493 во 2020, 473 во 2021, на 449 судии во 2022 година.

Основниот суд Охрид 2022 година ја започнал со 4 375 нерешени предмети, во работа примил 17 541 предмети. Од овој фонд за работа решени се 16 363 предмети, а останале нерешени 5 553 предмети. Според тоа не го совладал приливот на предмети и го зголемил заостатокот за 1 178 предмети.

Во 2022 година Основниот суд Охрид се оценува како неажурен.

По систематизација во овој суд се предвидени 18 судии, а во 2022 година биле пополнети 72 проценти од овие места, односно работел со 13 судии.

Според податоците од Судскиот совет, заклучно со 6 март годинава во ОС Охрид активни се 11 судии, а на еден судија позицијата му е во мирување. Согласно тоа, бројот на испразнети места е 6. Иако бројот на судии за пензија е двајца, моментално нема објавено оглас за ниту еден судија.

Вкупниот број на вработени во судот задно со судски службеници, технички службеници и припадници на судската полиција и работници изнесува 89 лица.

ОС Охрид, според пописот во 2021 година опслужувал вкупно 51 428 жители. Според тоа ОС Охрид во 2022 година имал еден судија на 3 956 жители, или околу 25 судии на 100 000 жители.

 

фото: Архива