Стариот охридски чун, реконструираното пловило важеше за вистинска атракција во Лапидариумот кај Куќата на Робевци. За многумина повозрасни граѓани ова пловило беше само далечно сеќавање, а за младите една прекрасна приказна што ја слушнале од нивните дедовци. Овој експонат години наназад беше привлечен и за домашните и за странските туристи, но за жал НУ Завод и Музеј го заборави. Дождовите и вериштата си го направија своето. Чунот кој беше рекоструиран во 2015 год. деновиве се распаѓа пред Лапидариумот.
Лапидариумот е лоциран и вклопен во постоечките висински разлики на просторот од западното двориште на Куќата на Робевци, во дворното место на зградата во која бил формиран (односно обновен) музејот во Охрид.
Намената и функцијата на музејскиот културен центар “Лапидариум” е проектирана екстериерно и ентериерно делумно како вистински лапидариум каде се презентираат епиграфски споменици и други оригинални артефакти. Архитектонскиот изглед е целосно вклопен во околниот музејски простор со вградени и поставени оригинални камени и мермерни елементи кои припаѓаат на античкиот и ранохристијанскиот период.
Ентериерниот простор е опремен со современи елементи за да служи како центар за презентација и продажба на пропаганден и стручен публикуван музејски материјал и презентација на значајни и атрактивни сувенирски предмети изработени како копии од оригинални археолошки, етнолошки, нумизматички и други видови уметнички предмети.
Музејскиот културен центар овозможува и организирање на други културни настани (изложби под ведро небо, камерни, музички или драмски претстави, монодрами, рецитали и др.).