АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Започна да функционира Советот за поддршка на женско претприемништво во општина Охрид

Дефинирање на деловник за работа, донесување на програмски акти и прецизирање на идни планови, беа дел од темите на денешниот прв состанок на Советот на женско претприемништво на Охрид, кој беше формиран со одлука на Советот на општина Охрид на последната 24-та седница.

Советот за женско претприемништво на општина Охрид брои 16 членови од редот на: советничките при Советот на општина Охрид; жени претприемачи (актуелни и потенцијални); невработени жени од општина Охрид; претставници на микро, мали и средни компании од општината; здруженија на граѓани-непрофитни организации и невладини организации за поддршка на бизнис секторот од општина Охрид.

Членките на советот едногласно одлучија за претседател на советот да биде избрана Сузана Наумоска, а за заменик претседател, Проф. д-р Устијана Речкоска. Членките на советот дефинираа и работна група која веќе следната седмица, ќе биде ангажирана околу подготовката на Стратегија за поттикнување на женско претприемништво на ниво на општина Охрид, која ќе биде основа за сите наредни активности.

Советот за женско претпремништво има за цел да ги поттикне и да ги поддржи жените претприемачи во општина Охрид, да дава препораки за прашања од интерес за поддршка на женското претприемништво и родовата рамноправност. Исто така, советот ќе гради политики за поддршка на жените претприемачи и женските права, со цел општествено и економско зајакнување на жените.

Советот за женско претприемништво на општина Охрид е отворен за соработка и со други субјекти, кои по потреба ќе ги вклучува во својата работа при разгледување на одредени прашања и проблеми за кои е потребна дополнителна консултација и стручно советување.

 

 

општина Охрид