АктуелноОхрид

Во Охрид започна снимањето на спотот од третата верзија на „Вечниот Бог“

Третата верзија на „Вечниот Бог” со Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски и Златно Славејче – е снимена! Инструменти, вокали, хорче – мелодијата на најпопуларната божикна песна кај нас, со освежен аранжман, е комплетирана! За доживувањата во студио ќе Ви раскажеме деновиве низ видео, а сега вредно продолжуваме со работа во Охрид, каде што започнува снимањето на спотот. Каква божикна приказна скрои генијалниот ум на нашиот режисер Дејан Пројковски и неговите соработници, ќе видите за само неколку дена.
Наближуваат Бадник и Божик, нашите обврски, но и радоста се множат! Низ цела наша држава, во 50 градови и населени места во тек се подготовките за Бадниковите поворки на радоста што на 6-ти Јануари ќе чекорат низ улиците на Скопје, Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Крушево, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Битола, Тетово, Гостивар, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Виница, Кочани, Св.Николе, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Валандово, Берово, Демир Капија, Велгошти, Дебрца, Враништа, Ростуше, Банско, Ново Село, Зубово, Сушица, Ново Коњарево, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Чучер Сандево и Бардовци. Во тек се редовни проби, но и работилници, за ниедно дете да не остане без божикна ѕвездичка.
Да потсетиме! Децата во поворките ги симболизираат ангелите што го најавуваат Христовото Раѓање, а ѕвездичките што радосно ги веат над своите озарени лица се водилка кон местото каде што се раѓа Богомладенецот. Симболично прикажано, кај нас тоа е патот до божикната пештера во која е претставен целиот настан на Божик.
Ги замолуваме сите населени места во Македонија, што сè уште немаат пријавено Бадникова поворка на радоста во своето место на живеење, да нè контактираат на: badnikovipovorki@yahoo.com
Во текот на овој подготвителен период, се поставуваат и божикните пештери и подготвуваат малите божикни концерти што ќе се одржат на плоштадите во поголемите градови во Републиката, како и хуманитарните акции што најдоцна до 5-ти Јануари треба да снабдат што повеќе семејства со храна за празниците, информираат од Бадникови поворки.