Триесеттина локални производители на храна и рачни изработки денеска ги презентираа своите производи во холот на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид на фестивалот на локални производи „Купувај локално“. Посетителите имаа можност да ги вкусат охридските специјалитети комат, ѓомлезе, леб под сач, макала, намази, домашни вино и ракија, но и да ги видат филигранските изработки, ткаени, плетени и везени ракотворби.
Деканот на Факултетотот за туризам од Охрид, Снежана Дичевска вели дека неопходно е јакнење на свеста за значењето и придобивките од купување локални производи, значење на поттикнување и јакнење на свеста за купување локални производи и од економска гледна точка.
Придобивките се огромни. Се поттикнува економскиот развој, се влијае врз намалување на невработеноста, се иницира самовработување и вработување на членови од семејството. Но, исто так е факт и дека секторот на мали бизниси нема премногу финансиски средства на располагање да вложат во пропагандна кампања, па ова е одлична можност за нивна промоција, истакна Дичевска.
Градоначалникот Кирил Пецаков, фестивалот „Купувај локално“ го гледа како уште еден настан, кој ќе прерасне во традиција и во иднина ќе привлекува туристи, а Охрид ќе го промовира како туристичка дестинација, која покрај другите содржини ќе понуди традиционална охридска храна и специјалитети карактеристични за овој регион.
-Се надевам дека овој настан ќе добие традиционален карактер и дека значително ќе допринесе во промоцијата на традиционалната храна и домашните производители, затоа што се она што е домашно – наше е највкусно и најубаво. Факултетот за туризам и угостителство покажува вистинска иновативност со организација на вакви настани и ја поттикнува креативноста кај студентите. Преку ова случување се едуцираат и поттикнуваат граѓаните да се определат за купување и јадење локална храна, која се произведува на традиционален начин што е многу поздрава од се друго што се нуди на пазарот. На овој начин се промовираат приказните на локалните производители, кои и тоа како имаат што да кажат и пренесат, рече Пецаков.
-Преку овој настан сакаме да ја подигнеме свеста кај локалното население да ја почитува локалната храна. Tоа е единствениот начин да се зајакне овој регион и да се одржи, зачува и презентира идентитет. Со Фестивалот на локални производи, вели, сакавме на едно место во исто време да ги собереме сите и да покажеме дека Охрид има што да покаже, но дека нивното вмрежување е слабо и тоа треба да го зајакнеме, вели професорката Ангела Паскуале.
Пред присутните се обрати и Игор Пешевски кој беше претставник од Студентите.
-Се надевам дека настанот ќе прерасне во традиција и од година во година ќе имаме повеќе штандови со изложени локални производи, бидејќи навистина мора да се потрудиме и ние младите, но и оние кои ја пренесуваат традицијата од постарите генерации да ја задржиме, зачуваме и да работиме на ширење на нашата традиција односно да бидеме препознаени во целиот свет, вели Пешевски.
фото: Охрид 1