недела, ноември 24, 2024
АктуелноОхрид

Пецаков: Не да се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно…

Синоќа во НУ “Центар за култура Григор Прличев“, се одржа централната свеченост во чест на Св.Климент Охридски, патрон на градот Охрид и заштитник на Македонската Православна Црква –ОА. Годинашен добитник на највисокото општинско признание, наградата “Св.Климент Охридски Патрон на градот“ е Архимандрит Нектариј, игумен на манастирот Св.Наум Охриски, а повелбата е доделена на Димче Каневче, Летка Филипова и Здруженијата “Сос Балкан медија“ и “Инклузија“, напиша на својот ФБ профил градоначалникот Кирил Пецаков.

Во објавата градоначалникот додава:

Точно илјада сто и шест години не делат од земската неприсутност на Свети Климент меѓу нас Македонците, но и исто толку години не поврзува нераскинлива духовна, културна и морална сплотеност со неговото дело. Ретко кој народ, како македонскиот, може да каже дека има таква нераскинлива историска и духовна вертикала во својата опстојба и битисување. Тоа е затоа што Свети Климент Охридски е нашиот првоучител, чија дејност и мисла е длабоко во темелите на нашето постоење и културно препознавање. Неговото монументално и божествено дело недвојбено ја покажува нашата посебност во светската асамблеа на народите.
Создавањето на првиот Словенски универзитет и описменувањето на три илјади и петстотини ученици, кои ќе ја шират верата и писменоста во целиот словенски свет, покажува дека Охрид и делото Климентово не е најважно само за Македонците,туку и за целиот словенски род, а нашиот град е најзначајнииот духовен центар кој преку Охридската книжевна школа ги промовира универзалните човечки вредности. А тие се промовирале, растеле и развивале врз постулатите кои ни ги остави Свети Климент …“да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта, без да имаме непријателство со никого; …Не да се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно…“
…“ Да се надминуваме еден со друг со добрина..“ и најголемата и најважната етичка порака, нашиот македонски категорички императив – “ТРГАЈ СЕ ОД ЗЛОТО И ПРАВИ ДОБРО“. Та затоа, Свети Климент е нашата есенцијална поврзаност со Бога и токму преку Свети Климент, световното и светото се возможни како човечка и божја хармонија во едно.
Македонија и македонците низ вековите поминале многу ветрометини, падови и негирања, но секогаш изнаоѓале сила да опстојат, да се исправат и да продолжат по патот Свети Климентов, кој е поплочен со љубовта кон Бога, човекољубие и милосрдие. Тоа не прави кротки и одлучни, нежни и цврсти, трпеливи и непоколебливи. Тоа е нашето најголемо наследство од Свети Климент Охридски, за кое верувам дека успешно ќе го пренесеме на следните генерации низ вековите.
Свеченоста продолжи со богата културно уметничка програма подготвена од учениците и професорите.

извор: ФБ Кирил Пецаков