Осмото издание на традиционалната конференција посветена на балканската предисторија на Центарот за истражување на предисторијата се организира во рамки на меѓународниот проект „Common Cultural Heritage“.
Конференцијата е финалниот настан од проектот на Центарот за истражување на предисторијата од Скопје, Институтот за археологија од Тирана и Филозофскиот факултет од Белград, и кој претставува прва заедничка соработка меѓу македонски, албански и српски археолози.
Во рамки на проектот стручњаци и студенти работеа заедно на неолитските локалитети Влахо во Македонија, Поградец во Албанија и Винча во Србија, каде што освен усовршувањето на методите на истражување ги следеа и предисториските врски меѓу заедниците кои живееле на овие простори пред повеќе илјади години.
Ваквиот пристап во проектот овозможува создавање на нова генерација стручњаци кои потемелно ќе ја проучуваат поврзаноста меѓу предисториските општества и тоа надвор од границите на денешните држави. На тој начин се придонесува кон посилно вмрежување на повеќе генерации археолози кои претходно поради политичките бариери не соработуваа меѓу себе.
Како резултат на ваквиот регионален пристап, од 25 до 27 ноември во Охрид координаторите на овој проект ќе ја реализираат конференцијата „Prehistory in the Balkans: Common Cultural Heritage“, а во која студенти и стручњаци ќе ги презентираат стекнатите сознанија за време на работилниците и воедно ќе приложат нови перспективи за предисторијата во Србија, Албанија и Македонија.
slobodenpecat.mk