На 17.11.2022 година во Скопје се одржа главниот настан од проектот GreenTech Entrepreneurship Challenge на кој тимот од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, составен од учениците: Климент Маријаноски, Дарко Крлески, Александар Спасеновски, Кристијан Ѓорески и Андреј Ванѓеловски, под менторство на професорката Ирена Ралева Најдевска со проектот „TrashPinger“ го освои првото место, а учениците беа прогласени за Еко-претприемачи за 2022 година.
GreenTech Entrepreneurship Challenge претставува проект, кој ги вклучува учениците од средните технички стручни училишта во процесот на дизајнирање бизнис-идеи базирани на зелени одржливи технологии. Целта на проектот е подигнување на свеста кај учениците за важноста на зелените одржливи решенија како и да ги насочи кон осмислување на иновативни решенија засновани на зелени технологии преку примена на претприемачки начин на размислување.
Координатор на проектот беше професорот Љупчо Балески. Овој проект се реализираше во три фази:
Во првата фаза се пријавија 20 ученици кои реализираа три работилници. Целта на работилниците беше учениците да се запознаат со проблемите поврзани со загадувањето на животната средина и да предложат идеи за развивање на зелени одржливи решенија. Во оваа фаза, учениците беа поделени во 4 тима и секој тим работеше на своја идеја.
Првиот тим составен од учениците: Мухамед Асан, Билјана Блажеска, Никола Гогов, Митко Илијовски и Никола Илиоски, под менторство на професорот Љупчо Балески работеше врз идејата за пронаоѓање алтернативни извори на електрична енергија. Вториот тим составен од учениците: Јована Николоска, Кристина Тодороска, Давид Бујароски, Алмир Бајрам и Хамза Салоски, под менторство на професорката Виолета Никовска работеа врз идејата за користење на графенот како средство за филтрација на водата. Третиот тим составен од учениците: Климент Маријаноски, Дарко Крлески, Александар Спасеновски, Андреј Ванѓеловски и Кристијан Ѓорески, под менторство на професорката Ирена Ралева Најдевска работеше на идејата за користење апликација за пријавување депонии со отпад и четвртиот тим составен од учениците: Ангел Крстески, Един Мифтароски, Александар Сиљаноски, Мануел Симоноски и Христијан Ристоски, под менторство на професорката Јорданка Недеска Симиџиоска работеше на идеја за решавање на проблемот со загадувањето.
Во втората фаза се изврши избор на тимот кој го претставуваше нашето училиште на главниот настан во Скопје. Изборот беше извршен од страна на жири-комисија составена од претставници од Стартап Македонија и нивните партнери. По извршените презентации од страна на секој тим, како победник беше прогласен третиот тим со проектот „TrashPinger“.
На главниот настан кој се одржа на 17.11.2022 година тимот од нашето училиште иврши презентација на својата идеја пред стручно жири и во конкуренција со средните училишта од Битола, Кавадарци, Кочани и Гостивар го освои првото место. За освоеното прво место, учениците беа наградени со паметни часовници, а исто така, се стекнаа со можност да ја презентираат својата идеја и да добијат помош во развојот на својата апликација до готов производ од страна на стручни ментори од стартап акцелератори од Македонија.
На учениците и менторот им честитаме за постигнатиот успех и сметаме дека ваквите проекти ќе бидат поттик и за осанатите ученици да развиваат и да презентираат свои идеи од различни области.
ОЕМУЦ Св Наум Охридски