АктуелноОхрид

ДКСК ќе бара од Владата преиспитување на одлуката за управување со земјиштето кај автокампот „Градиште“

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе ѝ предложи на Владата да ја преиспита одлуката од 1997 година со која е овозможено со државно земјоделско земјиште кај охридско „Градиште“ да управува АД „Горица“ и за тоа да добива приходи со изнајмување на просторот за камп-приколки.

Во меѓувреме е променета сопственичката структура т.е. компанијата е приватизирана, но и натаму го користи правото, а не дава никаков надомест на државата. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска денеска на седница на Комисијата рече дека во времето кога е донесена владината одлука и до 2002, АД „Горица“ била во државна сопственост, односно била распродадена по број на акции на Агенцијата за приватизација, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на Министерството за финансии, а од 2002 имотот односно акциите ги отуѓувале. Се работи и за спорно земјиште за кој се води процес за денационализација. ДКСК има предмет по пријава на подносител кој смета дека незаконско и намерно се одолговлекува процесот за денационализација на земјиштето кај автокампот Градиште, за што барањето е поднесено во 2007, а просторот во меѓувреме се изнајмува за кампирање.

Ивановска рече дека со одлуката за распределба на земјиштето на комплексот „Горица Охрид“, која од Владата е донесена на 16-ти јуни 1997, било дадено на трајно користење спорното земјиште во период кога „Инекс Горица“ („Инекс Олгица“), сѐ уште била фирма во државна сопственост.

– Но, по приватизирањето на Друштвото, продолжило да има корисничко право на земјиштето и да го изнајмува на други правни лица врз основа на соодветни договори и притоа да прибавува имотна корист. ДКСК констатира дека треба да се достави препорака до Владата со цел да ја преиспита донесената одлука од 1997 заради утврдување на правото на користење на земјиштето на Друштвото кое веќе преминало во приватна сопственост. Повикувајќи се на одлуката донесена во период кога била во државна сопственост, сѐ уште располага со истиот имот, потенцира Ивановска.

Во однос на сомнежот на пријавителот дека денационализацијата се одолговлекува намерно и дека утврдениот надомест не е соодветен на вистинската вредност на земјиштето на таа локација, ДКСК по направен увид во документација утврдила дека нема потврда за наводите, нема елементи за натамошно постапување и дека за случајот се во тек постапки пред други надлежни органи.

извор: ДКСК