Денеска во Охрид, во т.н. продолжен викенд кога има и зголемен број на туристи, со што е зголемен и бројот на моторни возила и пешаци кои учествуваат во сообраќајот, МВР и РСБСП реализираа превентивна акција за зголемување на безбедноста во сообраќајот наменета за сите учесници во сообраќајот, со посебен акцент на пешаците. Пешаците се рамноправни учесници во сообраќајот и мора да ги почитуваат правилата и прописите. На граѓаните им беше поделен и едукативно-превентивен материјал и низ разговори им се даваа препораки за намалување на ризиците во сообраќајот и зголемување на безбедноста.
Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска, рече дека пешачењето е суштински дел од одржливата мобилност, го подобрува здравјето на луѓето и влијае на унапредувањето на животната средина.
„За жал, бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди секаде во светот е значително висок. Токму затоа организираме едукативно-превентивни активности кои ќе овозможат осигурување на безбедна средина во која и возачите и пешаците ќе се однесуваат одговорно и ќе бидат безбедни, за што неопходно е постојано да се работи на изградување на правилни сообраќајни навики и етичко однесување на сите категории учесници во сообраќајот“, рече Кожуваровска.
Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот. „Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години. Апелирам до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и улицата да ја поминуваат на пешачки премин и само кога е вклучено зеленото светло на семафорот. Возачите пак особено да внимаваат кога се во близина на пешачки премин и секогаш да ги пропуштаат пешаците“, рече Ангеловски.
извор: МВР
фото и видео: МВР