АктуелноОхрид

(ФОТО) Зелен центар Охрид спроведе едукативна екскурзија на брод за ученици од Охрид

На ден 29.09.2022 година (четврток), Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина ‐ Регионален зелен центар Охрид организираше еднодневна едукативна екскурзија на брод за учениците од три основни училишта во Охрид.
Настанот е една од активностите во рамки на проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“.


Екскурзијата започна со испловување на бродот Александрија 2 од градското пристаниште. Пловидбата се одвиваше на релација пристаниште Охрид ‐ с. Подмоље ‐ Св. Наум ‐ пристаниште Охрид. Учествуваа вкупно 100 ученици со нивните одговорни наставници од ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Братство Единство“ и ОУ „Ванчо Николески“ ‐ с. Лескоец, главно ангажирани во еколошките секции. Според агендата, следуваа пет часа исполнети со едукација, забава и дружба. Се одиграа три едукативниигри со мотиви поврзани со трската, се одржаа мини предавања за значењето на трската од страна на експерт, се посети Заливот на коските, а пловидбата заврши со дискусија за виденото и наученото.


„Навистина сме задоволни како се одвиваше целата екскурзија. Морам да признаам дека при самата организација на настанот постоеше одредена доза на страв, бидејќи сепак се работи за тинејџери и не знаете како ќе реагираат на тематиката, колку ќе се заинтересирани, дали ќе успееме да им го задржиме вниманието. Во тој поглед сме позитивно изненадени од енергијата, желбата и натпреварувачкиот дух на учениците да се вклучат целосно и внимателно во секоја активност која беше предвидена на настанот.


Мислам дека сите до еден си заминаа дома среќни и задоволни после одлично поминатиот ден и секако со по нешто ново научено за појасите со трска во Охридското Езеро“, изјави Ана Бојаџиева, раководител на проектот.
„Со огромна чест и задоволство, на покана од РЗЦ Охрид го прифатив предизвикот да бидам модератор на овој настан во сегмент на едукација на млади. За што поефикасна реализација, со тимот и волонтерите имавме неколку средби каде беа дефинирани конкретните едукативни вежби преку кои ученичите се здобија со потребните знаења и во иднина би ги пренеле на своите врсници. Едукативните игри беа прилагодени на возраста и учениците преку интеракција беа поделени во пет групи составени по случаен избор од сите училишта што беше придобивка плус за нивно запознавање итимска работа“, изјави Анета В. Јованоска, модератор на настанот и долгогодишен аниматор и едукатор на деца и млади на многубројни проекти.


Целта на овој настан беше на еден забавен начин да се задржи вниманието на младите и притоа да се долови значењето и потребата од заштита на трската во Охридското Езеро. Во поглед на следните чекори, планирана е посета на сите основни училишта откако ќе се финализираат крајните продукти ‐ кратки информативни видеа, документарен филм и сл. кои ќе се презентираат од страна на членови на нашето здружение со помош од учениците кои присуствувале на екскурзијата. Во месеците кои следат планирани се три работилници на кои ќе бидат поканети сите засегнати страни за правилно управување со трската (локалното население, релевантни институции,експерти, млади, спортисти итн.). На нив ќе се дискутира за моменталната ситуација и за мерките кои треба да се преземат за правилно управување со трската, ќе се водат забелешки и ќе се донесат одлуки кои понатаму ќе бидат вметнати во предлог‐иницијативата.

извор: Зелен центар Охрид

фото: Зелен центар Охрид