понеделник, ноември 18, 2024
АктуелноОхрид

Општина Охрид дел од проектот „ЕУ за општините” – ќе добие дел од 5,5 милиони евра наменети за нашата општина

Премиерот Димитар Ковачевски, во своето обраќање на настанот по повод презентација на „Проектот за поврзување на локалните патишта“ во износ од 70 милиони евра, сублимира неколку поголеми проекти од над 250 милиони евра, кои Владата заедно со партнерите соработници и меѓународните институциите ги реализира во локалната инфраструктура сфера.

„Само преку пет поголеми проекти, меѓу кои и „Проектот за поврзување на локалните патишта“, инвестирани се над 250 милиони евра во општините. Со ТАВ програмата се реализираат 94 инфраструктурни проекти кои се директно насочени кон потребите на граѓаните со вкупна вредност од 49,7 милиони евра. Дел од проектите се завршени, дел се во фаза на финална реализација и треба да бидат реализирани оваа година, а крајниот рок за реализација е 2023 година. Со проектот „ЕУ за општините” во надлежност на Министерството за локална самоуправа, во наредните три години во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и Градот Скопје ќе се реализираат големи иновативни проекти во вкупна вредност од 5,5 милиони евра“, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски посочи дека голем успех во реализацијата има и Проектот за подобрување на општинските услуги, наменет за над 35 општини во државата.

„Овој проект помина низ сите филтри на Собранието, јас тогаш бев вклучен во неговото одобрување во Собранието како заменик министер за финансии, тука е и градоначалникот на Аеродром, тој беше претседател на комисијата за финансирање и буџет – така што многу добро ни е познато колку е значаен овој проект, чијашто реализација ќе изгради не само енергетски ефикасни објекти во општините, туку ќе направи и производство на електрична енергија која што во моментов сите знаеме колку е значајна. Тоа значи дека апликацијата на државата за овој проект била далековида со оглед на кризата во која се наоѓаме и која што практично ги зголемува трошоците за електрична енергија на сите субјекти па и на општините. Во 2021 година, преку овој проект се реализираа капитални инвестиции во износ од 800 милиони евра додека во 2020 година проектот е реализиран со 99% од износот на финансиски средства кои беа одобрени. Во рамки на годинашниот буџет за МСИП проектот пак, предвидена е реализација на повеќе проекти, меѓу кои и проектот за подобрување на енергетската ефикасност во државата во вкупна вредност од 25 милиони евра, од кои 10,5 милиони евра се за проекти за општините“, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски дополни дека, уште еден крупен проект кој се реализираше изминатите години е „Водоснабдување и одведување отпадни води“.

„Со средства во вредност од 100 милиони евра поддржани се сите општини за изградба на подобра инфраструктура за водоснабдување и за пречистителни станици. Овој проект ќе продолжи и во иднина со дополнителен фонд средства за поддршка на унапредување на локалната инфраструктура. Навистина има уште многу вредни проекти кои се реализираат во општините, ќе има и во иднина и верувам дека заеднички со сите капацитети ќе ги искористиме механизмите кои се на располагање за подобрување на животот на граѓаните“, рече Ковачевски.

Тој подвлече дека и во услови на најголемата економско-енергетска криза, Владата силно поддржува реализација на трајни добра, на инфраструктурни инвестиции, кои значат развој за општините, за граѓаните, за нови инвестиции, вработувања и економски развој на целата држава.

извор: Влада

фото: Влада