петок, ноември 22, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Посета на Митрополитот г. Николај од Православната Црква на Албанија

Во посета на Свештената Бигорска Обител денеска дојде Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Аполонија и Фиер г, Николај, од Православната Црква на Албанија. Во неговата чесна придружба беа: нашиот сакан презвитер отец Николај од Тирана, ѓаконот Николај и десетина православни верници од Фиер. Ценетиот Владика и неговите сопатници беа пречекани достоинствено од нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј и од присутните браќа во Манастирот.

По многулетието и објаснувањето во храмот, гостите беа примени во големиот синодикон, каде што разговараа со Старецот за повеќе актуелни теми во Православието. Во продолжение, Архимандритот Доситеј им ги покажа главните содржини на манастирот, вклучувајќи ја Книгохранителницата. Таму, во Книгата за впечатоци Митрополитот г. Николај го напиша следново: „Светиот Дух, Кој го просветлува секој човек што доаѓа на светов, да ги просветува и да им дава сили на браќата монаси кои се молат и се подвизуваат во овој свет манастир. Со благослов и љубов во Христа, Митрополит на Аполонија и Фиер Николај“.

Бигорски манастир