Вечерва, од 19:00 часот, во Културниот центар „Култура 365“ во старото градско јадро на Охрид, непосредно пред терминот за предавање на поетскиот портрет на лауреатот на „Златен венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, во црквата „Св. Софија“, ќе биде извршена првата промоција на поетската збирка „Ванчолики“, од Веле Митаноски, како и охридска промоција на збирката „Татковиот аманет“ од Димче Шипинкароски.
Промотор е професор д-р Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, додека настанот го организира „Култура 365“, како дел од активностите на Четвртиот Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“. Петрески, во рецензијата, меѓу другото, пишува дека Митаноски ја опева Езерската земја и топонимите: Галичица, Јабланица, Охрид, Плаошник и други нему познати и драги места. Тоа е неговиот топос и логос, кои се привлечни и за нас и стануваат наши.
Поетската збирка „Татковиот аманет“ на Димче Шипинкароски, пред охридската промоција, беше претставена во Вевчани и Струга.
Рецензентот, д-р Христо Петрески наведува, дека, како ветувачки момент, во поезијата на Шипинкароски, се истакнува архаичноста на неговото поетско пеење.
– Со неговите мисловни бисери: житаров пладневен ден… утринско јаве за пеколен ден… поленов млеч… ореова гламна и слично, пишува Петрески.
И двете збирки се во издание на „Феникс“ од Скопје.
ohridpress.com.mk